Годинава Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ ќе се одвива од 4 до 6 октомври во Скопје и во родното село на поетот, Лазарополе. Отворањето на Манифестацијата на 4 октомври ќе се случи во 19:00 часот, во спомен собата на Анте Поповски во Центарот за култура во општината Ѓорче Петров во Скопје, каде поетесата Александра Димитрова, за поетскиот ракопис „Дупка“, по пригодната реч официјално ќе биде прогласена за победник на Конкурсот „Антево перо“ за 2019 година, за необјавена поетска книга на македонски јазик. Притоа се очекува на Димитрова да и биде врачен и отпечатениот авторски примерок од победничката збирка.
Како поети чиишто збирки се најдоа во најтесната конкуренција за наградата, на авторите Михајло Свидерски за збирката песни „Граници“ и на Сузана В. Спасовска, за стихозбирката „Јазикот на светлината“, ќе им бидат врачени две придружни награди „Антев Златник“ со ликот на поетот Анте Поповски.
На младата поетеса Емануела Ковачевска Китановска за поетскиот наслов „Кожена душа“ ќе и биде врачена нововостановената награда „Антев часовник“, која во иднина ќе се доделува на поети до 25 години, со цел дополнително да се стимулира творештвото на најмладите наши таленти.
Во продолжение на вечерта, присутните ќе уживаат во поетското читање на дел од присутните учесници на годинешниот Конкурс за наградата „Антево перо“, а предвидено е врачување на Благодарници на присутните поети кои учествувале на годинешниот Конкурс, за нивниот придонес во растежот и афирмацијата на Манифестацијата „Анте Поповски – Антево перо“.
Исто така, јавно ќе бидат прочитани и пристигнатите поздравни телеграми со поддршка на Манифестацијата организирана во чест на академик Анте Поповски.
На 5-ти октомври, со повеќе содржини Манифестацијата ќе продолжи во родното село на поетот, Лазарополе, каде за учесниците е предвидено и ноќевање. Централен настан кој ќе му даде белег на овој ден, ќе биде Симпозиумот во чест на великанот Анте Поповски насловен „Антево дело“, со кој ќе раководи проф. д-р Кристина Николовска. Симпозиумот ќе покрене: литературни, литературно-теориски, јазични, културолошки, филозофски, општествени теми, теми од историја на уметност, естетика, теми од културното живеење, итн. Учесници на Симпозиумот ќе бидат еминентни научни, културни работници, писатели, уметници, сликари, јавни личности, но и негови познати кои би ги расветлиле Антевото дело и неговиот лик.Свои трудови за овој научен собир поднесоа односно најавија, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Кристина Николовска, д-р Атина Цветаноска, доцент д-р Атанас Чупоски, м-р Симона Петровска, м-р Наташа Данчевска, м-р Митра Блажевска и Панде Колемишевски. По сесиите се предвидува да има дискусии и предлагање на нови теми за следниот Симпозиум, а организациониот Одбор на Манифестацијата ќе се погрижи да отпечати и Зборник со поднесените трудови од Симпозиумот.
Програмата предвидува и промоција на трудот озаглавен „Книга за Анте“ од проф. д-р Кристина Николовска, долгогодишен проучувач и проследувач на целокупното творештво на академик Анте Поповски. Членовите на Академијата Анте Поповски, на одделна седница, меѓудругото, ќе се произнесат по тековни работи, по предлози за нејзино проширување со нови членови, но и по најновата иницијатива за чување и заштита од заборавот на ликот и делото на Анте Поповски.
На платото пред бистите на Кочо Рацин, Анте Поповски и Симон Дракул во реновираниот и разубавен парк на поезијата на мијачкиот крај во Лазарополе, кој неодамна беше предаден во употреба, наградените и други поети, ќе прочитаат свои творби, а стихови ќе одекнуваат и за време на неформалното дружење на учесниците во хотел „Калин“. Поетско матине се очекува да се случи и во акустичниот амбиент на селскиот духовен храм „Свети Ѓорѓија“, а предвидена е и посета на богатата Библиотека на Анте Поповски во неговата Спомен куќа. Создавајќи бројни ликовни дела за целото времетраење на проектот „Анте Поповски – Антево перо“, познатиот ликовен уметник и креативец Живко Поповски Цветин ќе промовира мир и љубов, испреплетена со стихови. Постои можност за учесниците на Манифестацијата ,да биде организирана и посета на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител”.
Годинешната Меѓународна културно поетска Манифестација „Анте Поповски -Антево перо“ целосно ќе биде заокружена до крајот на октомври со две Работилници за креативно пишување и поетско-ликовно изразување за талентирани средношколци, односно студенти, за што дополнително ќе бидат објавени детали и информации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.