Со претставата „Како крајот и да не е сосема блиску“ на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) вечерва во 20 часот почнува 46. издание на Младиот отворен театар (МОТ).
„Како крајот и да не е сосема блиску” е претстава во која нема актери, а публиката може да биде изведувач, гледач и да го бира аголот на гледање.
Како што најавуваат од тимот на Младинскиот културен центар (МКЦ), организаторот на фестивалот, МОТ годинава ќе се одржи во два блока, од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември, со изведби во живо, односно со целосно физичко издание, и со програма од 26 внимателно селектирани претстави.
Првиот блок на фестивалот е посветен на меѓународна програма во која ќе гостуваат претстави од Австрија, Словенија, Бугарија, Турција, Србија и Хрватска, а вториот на домашната независна продукција.
МКЦ најави три изведби на „Мојот маж“ на Југословенско драмско позориште од Белград, Словенско народно гледалишче, Љубљана и на Драмскиот театар од Скопје дека ќе бидат дел од програмата на МОТ, но поради ковид-19 позитивни членови на ансамблот, нема да се одигра претставата на Словенско народно гледалишче.
Српската „Мојот маж“ во режија на Јована Томиќ е на 20 ноември (сабота) во Драмски театар (20 часот), а македонската на Нела Витошевиќ е следниот ден, на 21 ноември, исто така на сцената на Драмски.
„Отстапивме простор за три продукции курирани од нашите долгогодишни соработници Локомотива – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, а ќе ги погледнеме и Скопје танцовиот театар со ‘Искричаво‘, Турскиот театар ‘Вишновата градина‘ и копродукциите на Македонскиот народен театар со претставите на Ѓорѓи Јолевски ‘Последната лента на Крап‘ и македонската премиера на ‘Нема да биде крај на светот‘ – копродукциски проект со САРТР од Сараево, БиХ, во режија на Нина Николиќ“, посочија од МКЦ.
Вториот дел од МОТ почнува на 2 декември и во него, како што потенцираат од МКЦ, ќе се види одразот на независната домашна продукција, која во периодот на пандемија се покажа како исклучително активна и токму затоа го заслужува вниманието и овој МОТовски репертоар. Ќе бидат прикажани претставите на Лука Кортина „Дневна доза мазохизам“, Сибел Абдиу „Модиљани“, Ангела Стојановска со „Срам“, Борис Василески „Вистинскиот запад“, Нела Витошевиќ „Работи за кои не зборуваме“, Јован Ристовски „Три“, Ана Батева „Шапка, анус, чоколадо и уште нешто“, Пандорината кутија: Наследството на ќерката на Ришард Ниечим, „Мајсторот за спомени“ на Јане Спасиќ, „ПодГотвено“ на Дејан Спасовиќ, „Имагинарен, ти“ на Блерим Дардишта и „Јовано, Јованке“ на Јована Зајкова и Бобан Русески.
46-от Млад отворен театар ќе се случува на шест сцени, Младински културен центар, Драмски театар, Театар Комедија, МНТ и Дом на АРМ. Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.