Музичката програма на „Охридско лето“ за вечерва нуди уживање во концерт на две пијана во изведба на уметниците Хајди Елзесер и Ненад Лечиќ. Концертот на Елесер и Лечиќ е од 21 ласот во катедралната црква „Света Софија“.

Хајди Елзесер настапува како солист и камерен музичар во концертни сали ширум светот, меѓу кои во салата „Гаво“ во Париз, „Тонхале“ во Дизелдорф, „Еткер Хале“ во Билефелд, познатата концертна сала на „Резиденсиа де Естудиантес“ во Мадрид и др.

Основач е на квартетот за две пијана и два перкусионисти „ Artwork Ensemble“ кој ја негува современата музика, а таа е член на повеќе ансамбли за современа музика како што се „Ensemble Horizonte“, „Earquaqe Ensemble“ и други. Покрај нејзината активна концертна дејност како солист и камерен музичар, Елзесер настапува со оркестарот на Ландестеатер Детмолд, како и со сите македонски оркестри под водство на: Саша Николовски-Ѓумар, Тадеуш Козловски, Ангел Шурев, Александар Лековски, Фимчо Муратовски, Томас Херцог, Карлхајнц Блемеке и други.

Има издадено свој соло компакт диск со дела на Брамс и Шуберт, а учествува и во повеќе продукции на компакт дискови со камерна музика во Германија. Од 2011 година Хајди Елзесер и нејзиниот ансамбл за современа музика се почесни членови на Фондацијата „Томислав Зографски“.

Предава на Факултетот за музика во Детмолд, држи национални и интернационални мастер класи, а нејзините ученици и студенти се добитници на награди на повеќе натпревари во Германија.

Српскиот пијанист Ненад Лечиќ уште од мали години го изразува својот голем и невообичаен талент за музика. Уште од мал е добитник на бројни национални и интернационални награди.

Настапува како солист и камерен музичар во Келнската Филхармонија, Штефанизаал во Грац, Музикгебау – Амстердам, како и на многу видни фестивали како што се: Клавирскиот фестивал во Рур, фестивалите во Алдебург и „Кингс Плејс“ во Лондон на други ширум Европа, но и на далечниот Исток во Кореја и Јапонија.

Критиката го оценува како музичар со „беспрекорна изведба на инспирирано и врвно музицирање“. Како солист со оркестар настапува со Бамбершките Симфоничари, Европскиот Камерен Оркестар, Оркестарот „Филхармонија“ во Лондон и Белградската филхармонија под диригентските палки на: Џонатан Нот, Денис Расел Дејвис и Младен Јагушт. Како камерен музичар тој настапува заедно со: Пјер-Лоран Еимар, Кристоф Рихтер, Ксенија Јанковиќ, Ралф Мано, Гвидо Шифен, Тамара Стефановиќ, Хајди Елзесер и Катарина Десерно.

Од 2004 година, предава на Факултетот за музика во Келн, а од 2007 е член на „Artwork Ensemble“. Има снимено четири компакт-дискови со соло и камерен репертоар.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.