Васко Тодоров, кој е најпознат по хумористичното алтер его Тошо Малерот во заедничкиот саемски промоцентар го промовираше неговото прво дело „Монологија“ во кое, како што сам вели, се собрани најдобрите монолози на Тошо и е еден вид на „најдоброто од“ селекција. Настанот кој беше организиран во рамки на „Саемот на книга“ го водеше уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина“, Татјана Димовска-Атанасова истакнувајќи дека „батка“ е модна икона со светкаво сако и тегет чорапа, жесток противник на буржоазијата која носи фармерки „501“, поборник за македонскиот јазик поради што мрази кога некој му вика „изволте“ и човек кој знае дека еден „фраер“ е фатален кога има бели чорапи, љубовен тепих и ѝ ждрига на „рибата во фаца“.

„Монологија“ излезе неодамна и веќе е една од најпродаваните книги во сите книжарници „Литература.мк“, а воедно може да се нарача и онлајн преку интернет-страницата www.literatura.mk

„Монологија“ дојде сама по себе. Голем дел од тие приказни се стари речиси 30 години и се еден вид на „најдоброто од“. Идејата дојде од млади луѓе кои кога пред околу една година се вратив во Македонија ми рекоа дека сами си ги вадат и читаат монолозите кои ги имам кажано така што решив да ја направам оваа книга. Многу ми е мило што се најдовме со „Арс Ламина“ и „Монологија“ е издание кое може да се чита повеќепати, на пример, со кафе пред работа или па… може и после работа – во свој стил објаснува Васко и додава дека добро е да соберат монолозите во книга за луѓето да ги имаат пред себе и во нив да најдат нешто кое при гледањето на скечевите можеби го пропуштиле.

Иако Тошо Малерот е еден вид на карикатура која го пародира градскиот провинцијализам, квази интелектуалците и стереотипите, Васко истакнува дека сепак ова е лик во кој може сите да се препознаеме.

Овие теми се секојдневни ситуации и можеме сите да се препознаеме во одредени моменти, сегменти затоа што овие приказни не се од друга планета. Јас сакам сето тоа да го правам со хумор и сатира затоа што е најприемлив начин за сами да си ги видиме аномалиите во однесувањето и доколку можеме да се коригираме. Искрено и јас се препознавам во некои делови од Тошо – појаснува Васко.

Нобелова награда за литература не сака да добие, пред сè, затоа што не му е предизвик и дознал дека немало нешто многу пари. Додека, околу тоа дали црпи инспирација од Рашче или Вруток, вели дека сепак ја црпи од Амазон.

Васко Тодоров во моментов е дел од екипата на сатиричната емисија „Фчерашни новости“. Најголемиот дел од популацијата го препознава по легендарните ликови кои ги толкуваше во рамки на шоуто „К-15“ заедно со Бранко Огњановски и Љупчо Бубо Каров. Првата епизода била емитувана на 23 ноември 1994 година на А1 телевизија. Шоуто оттогаш обезбедува силна социјална, политичка и економска критика особено на нелогичностите во македонското општество, етничката толеранција, стереотипите и табу-темите. „К-15“ во текот на своето постоење е емитувана на повеќе домашни телевизии и останува една од најпознатите хумористични емисии во земјава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.