На 12 јуни 2021 со почеток од 19 часот, во Театарот за деца и младинци – Скопје е закажана премиерата на претставата „Супербајакстично“, авторски текст на Горјан Милошевски, а во режија на Игор Ивковиќ.

Станува збор за еколошка бајка за деца, но и возрасни, чија цел е да ги разбуди емпатиите кај публиката за поголема грижа кон планета Земја, нашиот единствен дом, велат од ТДМ.

Создадовме еко бајка, која има задача преку досетки, хумор, забава и јасно изградени карактери, да испрати силна порака дека е важна грижата кон животната средина. Со овој проект на младите сакаме да им покажеме дека е „ин“ да си: научник, несебичен, искрен и одговорен пред другите и животната средина “, вели Ивковиќ, режисер на преставата.

Авторот на дрмата, Горјан Милошевски, додава дека „Супербајакстично“ не е обична претстава за деца. Ова е една голема авантура во која преку чудните, духовити но предупредувачки ликови публиката ќе биде дел од еколошко театарско шоу.

Во драмата и претставата, двајцата херои, децата Мила и Давид на свои 10 години ја започнуваат најголемата битка за нашата планета. За таа цел Давид создава супер, еколошки велосипед водејќи се по изуми и нацрти на неговите претци – климатолози. Тој велосипед отвора порта кон поинаква, бајковидна димензија каде нашите херои се борат против Небрила Токсичнаја, мајката на целото загадување, кралица на загадениот воздух. За да ја победат тие треба да поминат многу необични, големи и чудни пречки“, појаснува Горјан Милошевски, автор на драмата.

Главните улоги на научникот Давид и неговата другарка Мила ги толкуваат Мики Анчевски и Емра Куртишова.

Грижата за животната средина се стекнува од “мали нозе”. Дури и едно дете да излезе по претставата со крената свест е голем успех. Грижата за животната средина, науката, другарството, љубовта, влијанието на “инфлуенсерството, мобилната тегнологија, трендсетерството”, се само дел од нештата вметнати во оваа навидум “лесна” и “едноставна” претстава“, вели Мики Анчевски, кој го толкува ликот на младиот научник Давид.

За Емра Куртишова, претставата е една возбудлива авантура која ги внесува децата во магијата на театарот и откривање на непознати светови од кои има многу да се научи

„Супербајкастично“ носи силна порака за глобалното загадувањето, но не само тоа. Таа зборува и за сплотување на две дечиња кои се дијаметрално различни, но на крајот љубовта и разбирањето победува“, потенцира Куртишова.

Директорктата на Театарот за деца и младинци, Катарина Илиевска Силјановска која во оваа претстава се појавува во повеќе улоги, смета дека нема ништо поголемо и поважно од зачувување на околината, животната средина , а со тоа и здравјето на сите нас.

А како поинаку ќе ги стекнеме тие навики, освен со секојдневно повторување на работите како рециклирање, селектирање отпад, што помалку користење на пластика и така натаму. Во оваа наша најнова претстава преку многу игра и хумор се обидуваме да го доближиме тој современ начин на живеење кој треба да ни е секојдневие. Особено сум среќна што сум дел од претставата зашто се говори за нашето еко освестување“, вели Илиевска Силјановска.

Актерот Мартин Јорданоски во проектот исто така толкува неколку ролји. За него е многу важно што претставата  не` учи сите нас за колку е вредна и важна природата, а не материјалното.

Живееме брзо време во кое забораваме на правите и вистинските вредности. Да се потрудиме да ја зачуваме природата. На тоа не учи оваа претстава. Не е најважен мобилниот телефон, ниту пак парите имаат најголема вредност. Најважно е ние да сме луѓе. Да се сакаме сите и да си помагаме. Има вредност Сонцето кое ти се насмевнува. Има вредност мирисот на дождот и птиците кои пеат. Само љубовта и грижата према другите може да не спаси!, вели Мартин Јорданоски.

Марија Ѓорѓијовска, која толкува три ликови вели дека истите колку и да се смешни, пренесуваат силни пораки за децата и возрасните.

Моите ликови што јас ги толкувам се навидум смешни и забавни, во форма на шише, медуза и банана, но во суштина пренесуваат силна порака кон децата и возрасните за нашата негрижа кон животната средина“, вели Ѓорѓијовска.

Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимите ги дизајнираше Елена Вангеловска, автор на музиката е Оливер Јосифовски, маскотите се дело на Маре Трајковска, а корегорафијата на Дафина Даниловска – Кочевска.

Репризите на „Супербајкастично“ се закажани за 13 јуни од 12:30 часот и на 17 јуни од 19 часот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.