Изложбата „Мемо Сулејманов македонски атлетски рекордер“, ќе биде отворена утре (среда, 3 април) во 12,30 часот во Музејот на Македонија.
Драгоцениот материјал, кој сведочи за спортските успеси на основоположникот на маратонското трчање во Македонија и долгогодишниот републички рекордер во повеќе атлетски дисциплини, бил набавен и донесен во Музејот на Македонија во текот на 1986 година. Овие музејски предмети го формирале фондот на Мемо Сулејманов (1926, Велес – 1984, Скопје), со што била збогатена збирката на Физичка култура и спорт во Историскиот оддел.


На изложбата ќе бидат презентиран материјал, кој досега се наоѓал во депото на Музејот, Историско одделение, збирка за Физичка култура и спорт, Фонд Мемо Сулејманов.

За љубителите на атлетиката и неговите другари, Мемо Сулејманов ќе остане запаметен како атлетичар кој настапувал во трките на долги патеки. Во годините по војната и почетокот на педесеттите години од минатиот век, бил македонски рекордер во повеќе атлетски дисциплини истовремено. По завршување на неговата долга и богата спортска кариера, на сите позначајни манифестации доаѓал во улога на фоторепортер. Сите сакале да се фотографираат со него. Неговата кариера како активен спортист траела мошне долго, а подоцна своите знаења и богатото искуство ги пренесувал на младите атлетичари на АК „Вардар, пишува во каталогот за изложбата, Драган Георгиев од Историскиот оддел во Музејот.

На изложбата ќе можат да се видат предмети од музејската збирка кои сведочат за спортските успеси, како и општествените признанија доделени на Мемо Сулејманов, во кои среќаваме и дел од неговата опрема, преку сочуваниот амблем-грбот на НР Македонија, омилениот дрес и штафетната палка.

Мемо Сулејманов е роден во Велес, во 1926 година, место каде ги поминал детските предвоени години, како што и самиот вели во едно интервју: „…Продавав весници по улиците, а тогаш за да продаваш весници требаше доста да трчаш и да бидеш издржлив“.
Во септември 1944 година, на прагот на полнолетството, им се приклучил на партизаните во Осмата, односно подоцна во Дванаесеттата македонска бригада, со која учествувал во ослободувањето на Скопје. Веќе наредната година почнал да трча за Армијата.
Така, во првиот сочуван напис, каде се споменува неговата спортска победа, пишува дека на 24 ноември 1945 година бил одржан есенскиот крос „Победата на народот“, каде тој, во последната група од 6 младинци, кои трчале на 4.000 м. стигнал прв како младинец од редовите на војската.
Првиот македонски маратонец, Мемо Сулејманов, настапувал на повеќе маратони во земјата и во странство. Едновремено, учествувал на многубројните републички крос-натпревари, каде на различни должински патеки убедливо ги освојувал првите места.
Всушност, Мемо Сулејманов е основоположник на македонското маратонско трчање.
Изложбата зборува за овие и други податоци од богатиот живот на Мемо Сулејманов, но и за историскиот контекст во кој се одвивале настаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.