Истакнатиот македонски виолист Блерим Груби, утревечер во 20 часот ќе одржи концерт во Камерната сала на Филхармонија со кој ќе одбележи триесет години уметничка дејност.

На програмата се дела од Бах, Шостакович, Шуберт, Бекири, Зографски, Брамс…

На концертот ќе настапат и виолистите Лирдина Кукај, Ентела Чаркаџија, Алкеста Глоџани – студенти од универзитетот во Приштина „Хасан Приштина“ во класата на проф. Блерим Груби. Покрај студентите на Груби, ќе настапат и пијанистите Валтон Бекири, Марија Вршкова и Нита Груби и виолинистката Сихана Бадивуку.

Истакнатиот виолист Блерим Груби е роден во Скопје, каде што го почнува своето музичко образование. Дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Љубомир Господинов (1989). Посетува мајсторски курсеви кај познатиот светски виртуоз на виола Јуриј Башмет. По студиите, почнува да работи во Филхармонија на РСМ, а во исто време ја развива и солистичката дејност, како и камерното музицирање и редовно настапува во реномирани ансамбли и на фестивали во земјите на поранешна Југославија, Италија, Германија, Австрија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Јапонија, САД…

Моментно е професор на Приштинскиот универзитет „Хасан Приштина“ и на Универзитетот воТетово. Во 2016 година му е доделена Државна награда од претседателот на Р.Косово, за работа и придонес во културата и образованието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.