Индијана Унко Џонс е скапоцен камен со кој треба да се гордее Македонија. Така беше кажано за Слободан Унковски, најреномираниот македонски театарски режесер, синоќа во Кино Култура каде што беше промовирана книгата „Разговори со Унковски“ на Зоја Бузалковска. Промотори беа Искра Гешоска, Воја Брајовиќ, Јовица Михајловски и Бранко Цвеиќ.

Ова е книга разговори на ученичката со својот учител (еден доживотен статус) низ повеќе фази, темелен теориски труд и практичен учебник, кој на едноставен начин отвора суштински дилеми, мисли, изградени ставови, чувствувања, поврзани со театарот на Унковски, со неговиот сценски ракопис, со пристапот или методот на мајсторот, со неговото битие, со неговиот толку посебен свет, кој најдиректно и најотворено го споделува и со нас. Разговорите се водени во три наврати: во 1999 година, во 2010 година и непосредно пред издавањето на книгата, кон крајот на 2018 година. Издавач е „Театар на навигаторот Цветко“.

За актерот на Драмски, Јовица Михајловски кој играл во претставите на Унковски, режисерот со европска кариера во својата работа успева да го поведе целиот ансамбл кон светиот Грал во потрага по недофатливото, а притоа глумците да постигнат бравурозни актерски креации.

Слободан Унковски е една двојна личност. Не од типот на Доктор Џекил и Мистер Хајд, но на едната страна го имате научникот, професорот Унковски, менторот на многу генерации режисери, сопруг за пример, 40 години е во брак со една сопруга, татко на три возрасни деца. Тоа е врвно, животно достигнување за еден режисер. И што се случува со тој научник, педагог кога ќе дојде нов текст и нова режија во театар? Одеднаш се отфрла тој имиџ на професор и научник и пред вас се појавува една авантурист, еден откачен ентузијаст кој тргнува во луда потрага како археолог-театролог по закопаните вредности на делото кое е пред неговата маса. Како еден Индијана Унко Џонс. Е така и Унковски, со невидена страст и ентузијазам, љубов кон глумците, почит кон авторите, тргнува кон закопаното богатство на напишаните реплики. Тој го поведува целиот ансамбл кон светиот Грал во потрага по недофатливото, во таа катарза на еден совршено прочитан театарски чин, со бравурозни актерски креации, рече актерот Михајловски промоцијата на книгата на Бузалковска.

Бранко Цвејиќ, директор на Југословенско драмско позориште (ЈДП) говореше за најславните денови на Унковски и моментот кога тој платонски се вљубил во Унко.

Во секој театар во кој работел Унко има свој ансамбл. Не постои, колку што јас знам, глумец кој веќе работел со Унко или пак не работел, ама чул за него, ако е помлад, да го повика, а тој да го одбие. Би откажал сè, само за да ја има привилегијата да работи со Унковски. Тоа е моето мислење. Јас секогаш сакав да гледам гостувања на други театари од поранешната Југославија. Во 1985 година во ЈДП гостуваше МНТ со „Среќна нова ’49. И влегувам во салонот на ЈДП, преполно, застанувам на страна да гледам. Си велам, ќе постојам, ќе погледам, па ќе одам до бифе. И останувам до крај на претставата. Се распаметив кога ја изгледав претставата. И да ми извини сопругата, тогаш се вљубив во Унковски. Платонски, рече Цвејиќ.

Доајенот на српскиот театар и филм Воја Брајовиќ на промоцијата говореше за соработката со Унковски и се присети на сите претстави со кои патувале и освојувале награди по цел свет.

Народот кој не го помага театарот е мртов или пред умирање. Тоа го кажал Лорка, не јас. Нема да бидам непристоен како Цвејиќ и да кажам дека сум вљубен во Унко, но каква е таа љубов која може да се случи, дури и да се злоупотреби? Унко е еден од најголемите режисери во Европа, во светот, што не значи дека е и во Скопје. Лесно е за во Европа, треба и тука да се покаже, рече Брајовиќ.

Бузалковска на промоцијата кажа дека книгата не е монографија, туку е теориски труд, прирачник, учебник, и книга за љубителите на театарот од два килограми и 260 грама. Авторката кажа дека Унковски за ништо не ѝ се мешал и постојано велел оти книгата е нејзина, но таа потенцира дека тоа е книга на Слободан Унковски, за неговиот пристап, размислувања во театарот, дилеми, стравови.

Заедно созревавме, стареевме низ овој процес од 20 години. Беше многу тешко, страшно, ме фати голема паника и одговорност и обврска да се разговара со својот професор и тоа за театар, но од друга страна има ли поголемо задоволство тест и чест од тоа. Ми се замеша само за една работа. Има четири страници каде стои: Актерскиот тим на Унко. Тој рече дека би било прекрасно да се направи листа на сите негови актери. Рече: ‘Јас без нив сум ништо, ова не би постоело да не е мојот актерски тим, рече режисерката и професорка на Факултетот за драмски уметности (ФДУ).

Дизајнот на книгата му бил доверен на Филип Унковски и на агенцијата „Футура 2/2“, кои успеале да го реализираат за само 3 месеци. Во книгата, освен разговорите, има и многу материјали од личната архива на режисерот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.