Експерименталната форма на филмот во нејзиниот поширок контекст повторно беше во фокусот на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА одржана на 11 декември (сабота) 2021 год. Во првиот дел од седмата сесија учесниците во ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА имаа можност да го проследат уникатното предавање на Натали Рајчиновска Певлеска, докторанд на Трансдисциплинарни студии за современа уметност и медиуми, независен истражувач во областа на современите уметнички практики, ликовната критика и теорија.
Натали Рајчиновска Певлеска пред две недели беше гостин-предавач на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА и во таа прилика ги запозна учесниците со историјата на ескперименталниот филм, главните фази на развојот од 20-те до 70-те години на минатиот век, и позначајните автори кои го етаблирале овој правец во филмската уметност. На денешната сесија Рајчиновска Певлеска одржа предавање насловено „Дијалектика на изразните форми / уметност и теорија“, во кое се осврна на апстрактниот, авангардниот, документарниот и експериментален филм, видео уметноста, современата дигитална уметност, формалните вкрстувања, интертекстуалност, цитатна форма и не-наративен филм.
Рајчиновска Певлеска посебно го експлицираше летризмот, француско авангардно движење во визуелните уметности, основано во Париз во средината на по Втората светска војна од уметникот со романско потекло Исидор Ису (Isidore Isou). Терминот на движењето летризам доаѓа од lettrisme, на француски јазик: многу од раните дела на летристите се фокусирани на букви и други визуелни или говорни симболи.
Летристите експериментирале во сите области на уметноста и културата, особено во поезијата, филмот, сликарството и политичката теорија. Ова авангардно движењето на некој начин ја продолжува „револуцијата“ во мислењето за уметноста инспирирана од неговите претходници, дадаизмот и надреализмот.
Предавачката подетално ги запозна учесниците со двете главни фази на летризмот, наречени Amplic (amplique) и Chiselling (ciselante), презентирајќи ги низ инсерти на неколку експериметални филмови во кои звукот и сликата добиваат поинакви димензии од стандардните.
Во вториот дел од седмата сесија на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА учесниците имаа можност да го погледнат долголетражниот документарен филм БАРАЈЌИ СИ ЈА СРЕЌАТА („Pursuit of luck “ / 2014, 65 мин., ХД), по сценарио и во режија на Марија Џиџева. Во овој документарец Џиџева ја раскажува сторијата на неколкумина „стари ергени“ од Битола кои заминуваат во Русија со намера да си најдат невести и да се оженат…
ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА е проект во десет сесии, кои се одржуваат секоја сабота, во кој учествуваат ученици од скопските средни училишта. Тие под менторство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева се запознаваат со основите на филмската историја и на филмскиот јазик. Учесниците гледаат филмови од кинотечниот архив, анализираат филмски дела, а низ сесиите на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА и креираат кратки филмски етиди, кои потоа заеднички ги анализираат. На сесиите на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА гостуваат предавачи-специјалисти за различни области на филмската уметност и теоријата и историјата на филмот.
Едукативниот проект е поддржан од Министерството за култура. Во реализацијата на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА учествуваат Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски, Арсим Лесковица, Кире Велков…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.