УНЕСКО денес го затвора извештајот за Охрид од кој ќе зависи и тоа дали ќе го задржи престижниот статус на светско културно наследство. Информациите кои беа соопштени на Собраниската комисија за култура која се одржа пред еден месец во Скопје, како да не влеваат оптимизам по ова прашање.

Од неформалните комуникации што ги имам со некои луѓе од УНЕСКО, можам да кажам дека се движиме по работ. Се` уште не е ништо изгубено, но ни претстои период од еден месец за да доставиме дополнителна документација до Центарот за светско наследство, односно да покажеме волја и реален ангажман, што можеби би значело и подобрување на нашата слика. Важно е да се води волјата и се` понатака ќе зависи и од тоа што ќе се случува во Баку, истакна Билјана Прентоска, генерален секретар на националната комисија за УНЕСКО.

Комисијата ги разгледуваше извештаите на надлежни институции за состојбата со природното и културното наследство во охридскиот регион.

Во јуни и јули во Баку, главниот град на Азербејџан, ќе заседава Комитетот за светско наследство при УНЕСКО за, меѓу другото, да реши дали Охрид ќе го стави на листата на културно и природно наследство во опасност. Од владата се оптимисти дека Охрид нема да го загуби досегашниот статус, но експерти и граѓански активисти не се сигурни во тоа. Особено што во овие последни денови во кои се затвора извештајот за Охрид, од езерото доаѓаат лоши вести – за постојано палење и горење трска најверојатно заради нечии бизнис-интереси.

Во јуни минатата година во Охрид се одржа министерска средба – „Спроведување на акции/мерки според одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО“, на која беше јасно потенцирано дека последниве години УНЕСКО бележи пораст на бројот на фактори кои негативно влијаат на заштитените подрачја.

Постојат проблеми, но не се нерешливи, потенцира Синиша Шешум, шеф на Антена канцеларијата при Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа.

Мораториумот за градба е една од предложените препораки, на кој мора да се работи. Тој ќе даде доволно време на властите адекватно да ги решават проблемите. Не станува збор само за прекумерната урбанизација, зборуваме и за проблеми со просторната планска документација, со планот за управување. Мораториумот ќе даде време работите да дојдат во ред. УНЕСКО секоја година ги заострува критериумите за прием на добра. Она на што се инсистира е кредибилитетот на она што е на листата и она за што се расправа за упис. Притисокот во охридскиот регион не е само од туризмот, туку и од развојот, па круцијално е да се најде баланс со кој ќе се заштитат вредностите поради кој е запишан на листата на УНЕСКО, потенцира Шешум минатата година.

Прекумерната изградба на стамбени и угостителски објекти, често и во заштитени зони, палењето на трската, Студенчишкото блато, плановите за НП „Галичица“ се само мал дел од „сидрата“ кои го влечат Охрид надолу, кон губење на престижниот статус на светско културно наследство. Само последниве неколку недели сме сведоци на вистинско „дивеење“, особено на струшкиот дел на езерото, но не остана имун ниту делот на Охрид. Ова, во комбинација со неподносливата незаинтересираност на одговорните и замижувањето пред очигледните проблеми, направија во македонската јавност сериозно да се разниша довербата во институциите и се` повеќе се доведува во прашање дали постои реална желба за решавање на проблемите или и решавачите се дел од проблемот.

извор: Алсат М 360 степени/ОхридПрес



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.