Дел од проектите со скратен буџет, а за сметка на тоа се финансирани други културни манифестации.Ова е резултатот од ревизијата на годишните програми на Mинистерството за култура од конкурсот за поддршка на проекти.

Фестивалот „Сарај – фест“ во корегираната програма наместо 150 илјади денари, сега од култура ќе добие 80 илјади.Помал буџет има и културно уметничкото друштво Браќа Ѓиноски. На списокот финансирани проекти се врати фестивалот „Златно славејче“ и ќе добие 400 илјади денари.

Откако во претходната програма Скопскиот Џез фестивал не доби ниту денар, во ревидираната програма и тој е финансиран со 3 милиони денари.

Ние прво сакаме да сочекаме, да видиме да не се работи за некоја грешка, бидејќи при самото оценување и бодирање на овие две апликации се направени неколку груби грешки . Јас ја знам целината и на оваа нова програма која содржи поголем број одобрени проекти, веројатно со единствена цел да се заташка целиот скандал и клиентите, апликантите да бидат задоволни, вели Оливер Белопета во изјава за „Сител“.

Од Министерството за култура велат дека во повторената постапка апликантите добиле можност да достават дополнителни објаснувања и документација, а одржале и средби со нив.

Повторното разгледување на пријавите беше извршено согласно принципите на професионалност, разновидност и креативност, следејќи го гласот на културните работници и професионалци, велат од култура.

Распределбата на пари за проекти од областа на културата, ќе се разгледува денеска на собраниска комисија.Тема на надзорната расправа е начинот на донесување на годишните програми на Министерството за култура и реализација на проектите финансирани минатата година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.