Операта „Турандот“, епската кинеска бајка на Џакомо Пучини во режија на Џанкарло дел Монако, вечер од 20 часот е повторно на сцената на Македонската опера и балет.

Во насловната улога е сопранистката Весна Ѓиновска-Илкова, а во солистичката екипа се и: Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Момчил Караиванов од Бугарија, Кристијан Антовски, Дејан Стоев, Диме Петров, Марјан Николовски. Настапуваат хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.

Режисерот Дел Монако е и сценограф и костимограф на претставата, диригент е Иван Еминовиќ, а кореографијата е на Саша Евтимова.

„Турандот“ е опера во три чина. Пучини починал и не ја недовршил и подоцна е завршена од Франко Алфано. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата што ја направил Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци.

МОБ посочува дека оваа опера на Пучини се одликува со музички материјал во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот.

-„Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија „Никој не спие“ (Nessun dorma), една од најубавите во оперската литература, наведува МОБ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.