На 26 ноември точно напладне на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи научна трибина под наслов „Зошто ни треба класична гимназија?“. За неопходноста од постоење на класично гимназиско образование ќе говорат: д-р Владимир Петрушевски, редовен професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и проректор за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, д-р Ана Димишковска, редовен професор на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, д-р Ирена Стефоска, пратеничка во Собранието и доктор на историски науки, д-р Владимир Мартиновски, редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје и д-р Весна Димовска, редовен професор на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје. Модератор на трибината ќе биде д-р Весна Томовска, редовен професор на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје.

Трибината „Зошто ни треба класична гимназија?“ е дел од научноистражувачкиот проект Утврдување на потребите и потенцијалите за обновување на класичната гимназија во Македонија (како подготвително средно образование соодветно за идните студенти на студиските програми на Филозофскиот факултет) во реализација на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје. Проектот е мотивиран од идејата за покренување иницијатива за возобновување на класичната гимназија во образовниот систем на Македонија. Концептот на класично гимназиско образование, во кое класичните јазици (латинскиот и старогрчкиот) се изучуваат континуирано во текот на сите четири години, а истовремено во зголемен обем се изучуваат и други хуманистички дисциплини поврзани со античкото наследство, европската култура и уметност, е препознаен како концепт, кој на учениците им дава темелно средно образование, но и одлично ги подготвува за продолжување на студии од која и да било општествено-хуманистичка област.

Во рамките на проектот веќе се реализирани предвидените проектни активности кои дадоа соодветни резултати во насока на утврдување на потенцијалите за обновување на класичната гимназија во Република Македонија.

Од Трибината се очекува да ја збогати и да ја зајакне аргументацијата на иницијативата за возобновување на класичната гимназија во образовниот систем на Република Македонија како подготвително средно образование соодветно за идните студенти на студиските програми на Филозофскиот факултет во Скопје како институција која во најголем обем ги интегрира општествените и хуманистички науки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.