„Македоника литера“ од Скопје деновиве го објави третото издание на романот на Душко Родев „Човекот што ги сакаше калинките“, кој е награден со „Роман на годината“ за 2010 година.
„Човекот што ги сакаше калинките“ е историски роман за вистински личности и автентичен настан од почетокот на 20 век. Кога познат и авторитетен македонски војвода, борец за ослободување, сака да се жени со девојка од својата чета, љубовта и за двајцата станува сурова и трагична. Страдаат поради апсурдот меѓу борбата за слобода и слободата на љубовта, поради апсурдната неспоивост на идеалот на слободата (за која се борат) и идеалот на љубовта (поради која страдаат).
Со ненаметлив, наместа бележнички и прилично економичен стил, авторот ги преточува длабоките психолошки и емотивни ерупции во стегнато четиво кое й дозволува на приказната, инаку составена од самиот живот, да ја пренесе својата несомнена енергија и врз читателот.
Во романот се преплетуваат повеќе теми и прашања: револуционерната честитост, индивидуалните величија и подлости; човечката љубов и револуционерниот морал; возможноста на чистата љубов во услови на револуционерните превирања, дискретно сугерирана дилема – го ништи ли Револуцијата највисокиот човечки квалитет, љубовта; каква ли ќе е слободата што не умее да застане зад една чиста човечка врска? Во таа смисла, романот на релативно едноставен начин покажува како јакобинската ревносност и љубовта раснат во трагично непомирливи категории. Притоа љубовта и човекувањето, во емоционалниот епилог на романот, ги покрива суровиот заборав на историјата.
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“, во своето образложение, за „Човекот што ги сакаше калинките“ истакна дека „романот на Родев ги продолжува најдобрите традиции на македонската историографска проза“ и дека „во својот роман Душко Родев подига лирски книжевен паметник не само на една историска фигура, туку и на трагизмот на слободата во време на историски превирања“.
„’Човекот што ги сакаше калинките‘ на Душко Родев е еден романтичен, но истовремено тревожен и еретичен поглед врз љубовта како врвен начин на човекување, и во време на револуциите. Романтичен зашто говори за една нежна и реализирана љубов меѓу маж и жена припадници на иста чета, тревожен зашто ја открива приказната во која љубовта станува повод за зависта и осудата од соборците и, конечно, за трагичната смрт на занесеникот во љубовта и во слободата; и еретична, зашто го поставува прашањето: каква ќе е слободата, по трагичната осуда на љубовта. Инспириран од реална приказна, романот на Родев се доживува како творба што го надминува времето за кое говори, и се легитимира како книга со безвремена актуелност на идеите што ги излачува.“ (Томислав Османли, писа¬тел и претседател на комисијата за наградата „Роман на годината“)
Душко Родев (1932, Скопје) дипломирал на Филозофскиот факултет, група роман¬ска фило¬логија. Бил новинар во „Нова Македонија“, каде што работел како слободен репортер, а бил и повремен или постојан дописник од Франција, Италија и од други земји. Еден е од иницијаторите за формирање на издавачкиот оддел во рамките на НИП „Нова Македонија“, каде што бил уредник на познатата библиотека „Свет и време“. Подоцна работи во Телевизија Скопје, како уредник во драмската програма.
Неговиот роман „Разговори со Дојрански“, некои македонски издавачи одбија да го печатат. Откако беше објавен на српски јазик, и откако влезе во поширокиот избор за НИН-овата награда, две години потоа, беше објавен на македонски јазик.
На анонимни конкурси за расказ на весникот „Нова Македонија“, неговите раскази се добитници на првата, како и на втори и трети награди, додека на исто така анонимни конкурси за расказ на белградска „Политика“, двапати е добитник на откупни награди.
Родев е автор на следните книги: Беспатици, роман, Враќање кон црвената земја, роман, Еребици во каменестиот пејзаж, роман, Зелена боја по дождот, раскази, На снегот, со Олја, раскази, Разговори со Дојрански, роман, Светлата иднина почнува утре, најдоцна задутре, роман, Здраво, седма сило и Првиот ешалон, драми, Косови, зиме, раскази и Цветот на дивата роза, роман, Во очекување на Нобеловата награда, роман.
По негово сценарио е снимен и ТВ-филмот Дивеч за отстрел.
Негови дела се преведувани на српски, бугарски и украински јазик. На српски јазик се објавени неговите романи „Разговори со Дојрански“, „Светлата иднина почнува утре, најдоцна задутре“ и „Во очекување на Нобеловата награда“ што всушност претставува неговата трилогија за Дојрански. На бугарски јазик се објавени романите „Човекот што ги сакаше калинките“ и „Во очекување на Нобеловата награда“, а на украински „Во очекување на Нобеловата награда“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.