Секојпат имало проблеми. И ние кога со Столе Попов сме снимале филмови имало проблеми, но треба жестоко да се бориме за она за кое сме предодредени, вели актерот Мето Јовановски, добитник на наградата за особен придонес на филмската уметност која му ја додели Фестивалот „Киненова“ кој е во тек в Скопје.
Во чест на лауреатот на „Киненова“ синоќа беше прикажан филмот „Тетовирање“ на Столе Попов каде што Јовановски ја толкува главната улога.
Фестивалите се важни, филмот е важен, како и е друго во животот. На човекот за живот му треба храна, вода, чист воздух…но потребна е и духовна храна. Уметноста генерално е важна и потребна во едно општество и тука ги ставам и фестивалите како репрезент на се она што се случува во еден град или во една држава. Тие се мост на соработка, надополнување, дружење. Да не бидеме затворени, нема полошо да се биде затворен во еден простор. Не можеш да бидеш генијален или голем во мал простор, истакна годинешниот лауреат на МФФ „Киненова“ на вчерашната панел дискусија која се одржа по проекцијата на „Тетовирање“.
Гена Теодосиевска во воведот на панел дискусијата објасни дека сценариото на овој филм е на тројца автори.
Како млад уредник во редакцијата за култура имав чест да влезам во затворот тогаш и да направам интервју со дел од актерите додека се работеше овој филм и морам да ви признам дека влегувањето во таа установа беше интересно, но многу непријатно искуство. Актерот како едно општетвено и уметничко битие, влегувајќи во тие клаустрофобични затворени простори чувствува што може да го снајде еден обичен човек и какви неправди не демнат за многу мали грешки, па и за никакви грешки, рече Теодосиевска.
Теодосиевска подвлече дека Столе Попов секогаш инсистирал Мето Јовановски да биде еден од неговите главни актери.
Знам дека го имате гледано филмот, некои можеби и по неколку пати. Но, дефинитивно е култен филм, а Столе е ретко добар режисер. Ако зборуваме за колегијалноста од тој период, едноставно изборот на актерите во тој филм се пред се големи професионалци. Имаше неколку актери од Белград, бидејќи во тоа време се соработуваше, се работеше со многу желба, со многу љубов кон професијата, организациски беше беспрекорно. Денес таков филм малку потешко може да се снима. Снимањето во тој простор, таков каков што е, не е едноставна работа. Има големи последици затоа што многу од тие сцени се документаристички, автентични, луѓето кои играат таму, статистите се вистински затвореници. Имаше многу од нив кои извршиле тешки кривични дела и споделуваа со нас некои моменти. Има во филмот еден статист кој ги храни птиците-тој е осуден за трократно убиство. Имаше повеќе такви случаи. За нив беше привилегија да бидат во екипата, да бидат со нас, за нив беше тоа шанса да побегнат од сивилото, рече Јовановски.
Теодосиевска истакна дека актерите од таа генерација се повеќе се чувствуваат клаустрофобично, бидејќи се помалку има улоги за нив, а тоа го покажуваат новите филмови и продукции. Едноставно како да се подзаборава на овие актерски имиња, но тоа се менува со копродукциите.
Јас сум за тоа да се соработува и со поранешните југословенски простори. Многу е важна соработката зошто филмот е нешто што не може да се локализира само во овој наш мал простор. Македонија, е пред се, премал простор за филмаџии, не може да се исплати ни лентата што се вели, бидејќи во тоа време снимавме на филмска лента. Таа соработка е добредојдена, филмот е едноставно нешто што бара соработка. Скапа играчка е филмот, смета Јовановски и додаде дека ако може една Франција, Германија и Италија да соработуваат, зошто и ние на Балканот да не соработуваме.
Јовановски сподели интересни искуства од снимањата во Србија, Босна, Хрватска. Соработувал со големи режисерски и актерски имиња.
Во еден момент по снимањето со Мира Фурлан на филмот „А за сада без доброг наслова“ („А за сега без добар наслов“), режисерот ни рече дека има проблем како да ги спаси актерите зошто статистите се подобри од нас. Едноставно во филмот некои работи се чудни, раскажа Јовановски.
По пензионирањето, неговиот динамичен карактер не дозволува тоа да значи крај за неговите настапи и улоги и продолжи да го пренесува театарското, филмското, режисерското искуство.
Шеста година работам со студенти и многу сум задоволен, зошто има студенти кои се прекрасни. Навистина е прекрасно да се работи со млади луѓе , една нова генерација која има свој нов сензибилитет и на друг начин ги гледаат нештата. Жално е што завршија многу талентирани деца, кои покажаа неверојатни резултати, но многу е тешко да се вработат. Тоа е голем проблем. Младите луѓе треба да имаат можност да одат во светските или европските центри да соберат искуства. Треба да им се даде шанса. Овде сакам да истакнам дека имаме снимено краток филм „Божиќно дрво“ кој го снимавме на Козјак и се надевам наскоро ќе го прикажеме, заврши Јовановски.
Осврнувајќи се на актуелната состојба во културата, Јовановски истана дека, за жал, кај нас нештата функционираат според некои други правила.
Мислам дека во догледно време мора да има некакви промени во секоја смисла. Гледам дека и во театарите има една закоравеност. Во театрите кога ќе се случи таа жабокречина, по работа повеќе години, се познавате како фамилија и нема предизвик за проекти. Е тогаш е потребен некој како Паоло Маџели, кој ќе дојде и знае да ја наелектризира целата атмосфера. Со него сум работел и во Македонија и во Сплит и во Црна Гора и сметам дека тоа е потребно и тоа како сега кај нас во оваа ситуација. Ништо не се случува. Ама било пандемија, добро секогаш има нешто, денес е пандемија, утре ќе биде нешто друго. Секојпат имало проблеми, рече Јовановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.