Што би можеле да правиме кога ќе дојде златниот месец? Во тој златен месец („златец“) – според архаичниот народен и старословенски говор – или јули, како што стандардно се употребува последниве 100 и кусур години, може да се прави буквално сè. Денот е доволно долг да го исполните со сите замислени активности, а вечерите се долно топли за да одгледате убав филм во нашето летно кино.
И во тој и таков јули – патем, во разни краишта нарекуван и билјар, горешникили жетвар (последниов термин се користи и за месецот јуни) – кинотечната програма содржи неколку интересни блоковски содржини. На 1 јули (четврток) започнуваме со документарниот музички филм ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ВО ЖИВО ВО „ЛИСИНСКИ“ во продукција на загрепската „Кроација рекордс“ (некогашната култна дискографска куќа „Југотон“), и секој четврток до крајот на месецот под насловот МУЗИЧКИ ЧЕТВРТОЦИ НА „КРОАЦИЈА РЕКОРДС“ ВО КИНОТЕКА ќе имате можност да видите музички документарци од оваа куќа. Тука се концертите на Јосипа Лисац, Раде Шербеџија, Амира Медуњанин и Џеј Ар Аугуст (J.R. August, псевдоним на хрватскиот мултижанровски музичар Никола Враниќ).
Ќе ве потсетиме на годинешниот оскаровец УШТЕ ЕДНА ТУРА (Druk / Another Round) на Томас Винтерберг и еден од најдобрите европски филмови сезонава, ШАРЛАТАН (Charlatan) на Агњешка Холанд, како и на два наслови од минатомесечната НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ, РУЧЕКОТ НА ТАТО и СЕКОЈ ДЕН Е ДОБАР ДЕН.
Шведскиот филм КОЛКУ БОРОВИНКИ ИМА ВО СВЕТОТ? (Hur många lingon finns det i världen) на Лена Копел го открива хоризонтот на кој се лицата со попреченост, а кои се повеќе или помалку заборавени во рутинското темпо на нашите животи. Од 9 до 14 јули летното кино ќе биде домаќин на програмата на КАФЕ КИНО на СКОПСКО ЛЕТО, а потоа следува насловот СИТЕ ПРОТИВ СИТЕ (Vsi proti vsem / All Against All) на словенечкиот режисер Андреј Кошак, филм со македонско малцинско продукциско учество.
Рускиот наслов СУПЕРДЛАБОКО (Кольская сверхглубокая / The Superdeep) е спектакл е креиран од припадникот на новата генерација филмаџии, режисерот и сценарист Арсениј Сјухин (Arseny Syuhin). Како опозит на новата визуелна сензибилност во нудиме и неколку стари добри класици.
Започнуваме со СМРТ ВО ВЕНЕЦИЈА (Morte a Venezia / Death in Venice, 1971) на Лукино Висконти, работен според новелата на еден од најзначајните германски книжевници на 20. век – Томас Ман, продолжуваме со ГОЗБАТА НА БАБЕТ (Babettes gæstebud / Babette’s Feast, 1987) на режисерот Габриел Аксел (исто според книжевна предлошка, оваа е на исклучителната Карен Бликсен, можеби попозната по романот и филмот МОЈА АФРИКА/Out of Africa), потоа следува НАВИГАТОРОТ (The Navigator, 1924) на холивудската легенда од ерата на немиот филм, „човекот со камено лице“ Бастер Китон. Мини-циклусот на класиците го заокружуваме со ВЕШТЕРКАТА (Häxan / Witchcraft Through The Ages, 1922) на шведско-данскиот автор Бенјамин Кристенсен, кој е еден од втемелувачите на хорор-жанрот во филмот од почетокот на минатиот век.
Топли ноќи во златниот месец исполнети со добри филмови под отворено небо со златна месечина? Звучи примамливо…
Целосна програма ТУКА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.