Словенско младинско гледалишче (СМГ) од Љубљана е најредовниот гостин на Меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ) кој е во тек и е омилениот театарски ансамбл на нашата публика. Вечерва во 21 часот онлајн ќе биде изведена нивната претстава „Спротивноста на нештата“ во режија на  Борис Никитин.

Многу сум благодарен на МОТ што и во овие тешки времиња успеваме да го задржиме континуитетот и традицијата на присуство на Словенско младинско на најбитниот театарски фестивал во поранешната држава, вели за „Република“ Тибор Михелич, директор на Словенско младинско гледалишче.

СМГ и директорот Михелич беа продуценти на контроверзната претстава „Нашето насилство и вашето насилство“ на хрватскиот режисер Оливер Фрљиќ со која се отвори 42. МОТ. Таа претстава корисеше провокации и вулгарности за да го критикува популистичкиот дискурс на Европа кон општествените проблеми. Вечерашнава претстава е истражување помеѓу реалноста и фикцијата.

На некој начин оваа претстава која ја режираше швајцарскиот режисер од помлада генерација Борис Никитин (оваа негова претстава годинава беше хајлајт на Wienerfestwochen) се бави со трансгресијата на дискурсот и форматот. На почетокот почнува со едноставно прашање, што би се случило, ако фашистичките идеологии го користат уметничкиот јазик на современиот перформанс, за на тој начин,  извинување на својата ранливост ја постигнат општествената моќ. Во исто време, претставата е критика на левите идеологии, кои почнаа да го користат дискурсот на исклучување и сите тие појави се манифестација на засилената поларизација на општеството, вели Михелич.

Директорот на СМГ објаснува како нивниот театар функционира во време на пандемија на ковид-19.

Тибор Михелич, директор на Словенско младинско гледалишче

Прашањето ме потсети на стихови на еден Њујоршки бенд, кои од прилика одат вака:

I ain’t afraid of your churcheс
I ain’t afraid of your templeс
I ain’t afraid of your prayinг
I’m afraid of what you do in the name of your God

Пандемијата е факт кој е заеднички за сите. Со неа ќе мора да живееме, да ги почитуваме сите здравствени параметри, да ги прифатиме и покрај сите ограничувања да бидеме креативни на уметничко ниво, а солидарни на социјално ниво. Епидемијата може да ја прифатиме но, не и она што се прави во нејзино име. Младинско е јавна институција и нејзиниот колектив е во однос на сите фриленсери во привилегирана позиција. Се обидуваме да одржуваме проби, да ги откриваме стриминг опциите, си играме со ЗУМ форматите, ама се тоа е само маска за нашите безбројни обиди да ја фатиме смислата бидејќи сите знаеме дека тоа не смее и не може да биде вистински театар, вели директорот на Младинско, Михелич.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.