Актерот Тео Максут, кој как што вели „ретко се огласува јавно за социјалните мрежи“, испровоциран од резултатите на Годишната програма на Министерството за култура, на својот фејсбук профил напиша.:
Ретко се огласувам јавно на социјалните мрежи, освен кога сум длабоко испровоциран да го сторам тоа. Денес беше објавена годишната програма на Министерството за култура за оваа, 2019-та година. Ќе се обидам колку што е можно побјективно да укажам на неколку феномени, но нема ниту да се обидам да го кријам разочарувањето, како и ставот дека ова е најлошата програма на Министерството, откако јас ги следам состојбите во културата, а тоа не е период за занемарување.
За жал, нема да можам да ја анализирам сега целата годишна програма за култура, затоа што таква работа бара многу време и труд. Ќе покажам само неколку поразителни трендови во однос на прифатените проекти од областа на независната театарска продукција и одобрените финансиски средства за истите, бидејќи во овој дел, ослободен од традицијата и реномето на државните театарски куќи, јасно се гледаат трендовите.
Имено, за оваа година одобрени се вкупно 22 проекти кои подразбираат независнa продукција на театарски претстави. Вкупните одобрени средства за истите изнесуваат 6 280 000 денари. Од нив 2 840 000 денари или 45,22% се предвидени за проекти на македонски јазик, а 3 440 000 или 54,77 % се однесуваат за прокети на албански јазик или од автори припадници на албанската етничка заедница.
Оние кои ме познаваат знаат дека сум сериозен анти-националист и дека поради тоа концептите на етничко групирање, „правична“ застапеност итн. никогаш не ми се допаѓале и секогаш сум инсистирал на критериуми засновани на компетентност. Но концептот на правична процентуална застапеност во Р. Македонија, веќе безмалку 20 години претставува општествен договор од највисок ранг, а сега веќе е и дел од уставот на Р. Македонија. Ако веќе ги решаваме работите во државата според етнички, правичен, процентуален клуч, тогаш меѓу горната статистика и таквиот концепт на општествено уредување постои сериозна дискрепанца. Да не зборувам за тоа што во оваа програма како добитник на средства фигурира и „друштво за трговија и услуги“!
Она што сепак најмногу ме замисли е следниов факт: проект на друштво од Тетово бил поддржан лани, но и годинава, со поголема сума. Проект од истото друштво, на истите автори. Дали проектот лани бил реализиран или не, навистина не знам и не би можел да тврдам ништо. Само укажувам!
Колку за споредба, за 2018-та биле одобрени 31 проект од кои 30 за независна продукција на нови театарски претстави во вкупна вредност од 8 395 000 денари… Само да потсетам, овие проекти често се главниот извор на егзистенција на невработените актери и режисери, но и сериозен двигател на домашната театарска и културна сцена!
Во однос на националните институции, во 2016-та година, откако е фомирана македонската драма на театарот во Тетово, му беа одобрени два проекти на македонски јазик, во 2017-та исто така два проекти, во 2018-та еден, а годинава ниту еден проект на македонски јазик. Ова де факто значи и згаснување (барем привремено) на продукцијата на претстави на македоски јазик во единствениот професионален театар во Тетово. За волја на вистинита, на овој театар скратен му еден проект и на албански јазик, во однос на ланската година. Па така лани, Тетовскиот театар добил 4 проекти на албански јазик, а годинава 3 – нешто со што исто така не се согласувам! Намалувањето на бројот на одобрени проекти на театрите е секогаш поразително за мене. Турскиот театар од Скопје, кој традиционално добиваше по три проекти годишно, годинава е скратен, па така сега му се одобрени само два. Театар Комедија наместо 4, годинава ќе продуцира 3 претстави…
Повторувам, немам никакви националистички, етно-шовинистички мотиви, ниту убедувања, не страдам од етно, национал или било какви други „фобии“, во моето најблиско семејство имам претци од 4 различни етнички заедници и 3 различни религии. Зборувам за статистика, факти и бројки. Немам ништо против, ниту пак за, во однос на било која етничка заедница. Таквите идеји и концепти не ме интересираат. Она на што се противам, сепак, е фаворизирање! Она што ме нервира е етничката сегрегација во нашето општество, племенското групирање и трибализмот од кои веќе долго, долго време не можеме да се ослободиме! Она од што ми се повраќа е константното форсирање на разни групи луѓе во зависност од тоа кој го води Министерството, од која партија, од која етничка припадност , од кој клан или од кое лоби доаѓа!, напиша Максут.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.