„Плати па клати: мемоари на еден уживател на проституција во слики и зборови“ од канадскиот автор Честер Браун е нова книга во издание на Темплум. Овој графички роман е единаесетто издание во стрип-едицијата „Лифт“.

Се работи за доста дискутиран и прилично контроверзен графички роман од 2011-та, кој постигна забележителен критички и читателски успех, а бидејќи адресира важни прашања околу сексуалната работа, доби поддршка од претставници на движењето за правата на сексуалните работници. -„Плати па клати“ е автобиографски стрип во кој Браун мошне емпатично и внимателно ги пренесува своите искуства од светот на проституцијата…

Браун дава човечки лик на често оцрнуваниот и карикиран лик на клиентите во проституцијата. Тој ги документира своите средби со триесетина проститутки, од оние најнепријатните, чудни и тажнички средби, до оние најсимпатичните, топли и успешни, соопшти „Темплум“ за новиот графички роман кој од англиски на македонски го преведе Ивана Галапчева.

Невообичаено за жанрот е што на крајот од книгата се поместени педесетина страници забелешки и полемичка дискусија во која авторот ги изложува своите аргументи за декриминализација и дестигматизација на сексуалната работа.

Честер Браун (1960) е современ канадски стрип автор и илустратор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.