Драмски театар Скопје стана дел од Регионална унија на театри (РУТА) во која уште членуваат и „МГЛ„ Љубљана, Словенија, Театарот „Улисис“, Загреб, Хрватска, „Камерен театар 55“, Сараево, Босна и Херцеговина, „Градски театар“ Подгорица, Црна Гора и Белградско драмско позориште, Србија.

РУТА се формираше на иницијативата на Београдско драмско позориште чија основна цел ќе биде поврзување на шест репрезентативни куќи од поранешниот сојуз во естетска, репертоарска, но и организациона смисла.

Ова претставува одлична можност театарските куќи да се презентираат и промовираат во регионот и секако да се направи пат за понатамошни ко-продукции или други форми на соработка, соопштија од Драмски театар.

Во изминатите три месеци, претставниците од овие театри имаа бројни состаноци и успеаа од една иницијатива да стигнат до „Протокол за соработка“ потпишан од сите театри, во кој се наведени понатамошните чекори кои оваа унија треба да ги преземе.

Уникатноста на РУТА е нејзиниот модел на функционирање. Во текот на една календарска година ќе се одржат 6 фестивали во сите земји – членови на унијата. Секој театар може да настапи со претстава по сопствен избор. Фестивалот има ревијален карактер и една од целите е во текот на годината да се задржи континуираното присуство на овие театри пред домашната публика, велат од Драмски.

Првиот фестивал од низата која следува ќе се одржи во Белград, во Београдско драмско позориште, кој ќе започне на први и ќе трае до 6 декември годинава.

На први декември Београдско драмско позориште ќе ја изведе премиерата на претстава „Лилиом“, следниот ден е театарот „Улисис“ кој ќе ја изведе претставата „Бакхи“, на трети декември Градскиот театар од Подгорица ќе ја изведе претставата „Дон Кихот“, а на четврти декември Камерниот театар 55 ќе ја изведе претставата „Мирна Босна“. Драмски ќе настапи на пети декември со претставата „Крал Иби“ и за крај фестивалот завршува со МГЛ Љубљана ќе ја изведе претставата „Тивок здив“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.