„ОСЛОБОДЕНИ” е следниот креативен проект на Христина Тарабунова. Се работи за колективна изложба која треба да се случи на почетокот од месец октомври во просториите на Социјален клуб „Комитет“ во Катната гаража Беко во Скопје.

Одлучив да се посветам на таканаречениот проблем со критиките упатени кон уметноста т.е. начинот на изразување на еден уметник од страна на публика која нема доволно познавање во уметноста или оние негативни критики поради немањето желба да се разбере поинаквиот пристап. Преку еден краток разговор со пријателка, да ме поттикне да се пријавам на јавниот конкурс од страна на Министерството за Култура, аплицирав со идеа за подобро утре и така, проектот наречен „ОСЛОБОДЕНИ” беше одобрен за што сум многу горда и радосна, вели Тарабунова.

За „ОСЛОБОДЕНИ” вели дека преку својот уметнички крик кон денешницата, заедно со уште 7 креативци, уметници, сакаат да делуваат кон промена на светот и табуата.

Поентата е да има опомена кај заморениот граѓанин со што ќе истакнеме една нова визија и на тој начин ќе се обидеме да допреме до менталниот хендикеп на поединци кои воопшто не ни сакаат да ги погледнат поразличните дела, а со тоа и да ги ослободиме од комплексите на инфериорната средина. Токму на овој начин, сакаме да се избориме против помирливоста, преку слободата на говор и креативно изразување. Да постигнеме толеранција на мислата на другиот а со тој начин да овозможиме коегзистенција во современото македонско општество и естетски пресврт.  

 

Поривот кај негативните критики кај нас дава сосема друг ефект т.е. поголема мотивација за работа и слободно изразување. Авторите на тој начин ќе продолжат да ја црпат силата и енергијата за работа.  Изработените уметнички дела нема да бидат само украс  туку и опомена дека цензурата сама по себе претставува товар и дека уметникот неможе да твори под пресија. Ослободување на креативецот и облагородување на публикумот. Да ја намалиме креативната монотонија која ја оптеретува модерната индивидуа преку втемелување на уметноста во општеството без да чувствуваме некаква контрола или страв од насилие. Феноменот на рамнодушноста и едноумието секако заслужуваат внимание токму на еден ваков начин. Очекуваме, без малку 300 лица во публика. Сметаме дека ќе придонесеме критиката да стане корисна наспроти бесцелно осудување, вели Тарабунова.

Поставката ќе ѝ биде достапна на јавноста еден ден, откако официјално ќе биде отворена со уметнички перформанс од страна на еден од учесниците.

Своите отворени погледи ќе ги претстават: Христина Тарабунова, Елена Кичевска, Милена Јаневска, Доротеј Нешовски, Крсто Анастас Глигорјадис, Висар Мехмеди, Снежана Мелник и Лидија Цаковиќ Мојсовска.

Со тоа да оставиме подлога за нови идни соработки и проекти и нивна финансиска стабилност преку учество во нови креативни работилници и настани поврзани со уметноста, нивна промоција и пораст на чувството за естетика и културна едукација. Да ги отвориме хоризонтите со што ќе се приближиме кон Европа и светот. Како борбен лозунг, без етнички предрасуди, крајно смели, предизвикувачки и на некој начин еретични, да внесеме нови, високи стандарди  и вредности, на совесен и загрижен начин преку креативно истакнување на слабостите и силните страни кои ги поседуваме, бидејќи одбиваме истите да се карактеризираат како мали, застарени, анахронични. Жално е да гледаме како вредноста на уметничкото дело се конзумира лично, како да бара согласност и како такво е од загрозен вид на кое му е потребна заштита. Впрочем, слободата на чувствувањето е потенцијално опасна како резултат на неразбирањето на суштината. Слободата на говор и изразување претставува основно човеково право и има суштинска улога како показател за демократскиот капацитет на едно општество а бидејќи нашето се декларира како такво, цензурата е недозволива. Нашата храброст, време, труд, фантазија, знаење, визија, креативност, експресија и вештина не заслужуваат вртење на глава, туку шанса за чекор по чекор, заедно, да постигнеме еден естетски пресврт, вели Тарабунова.

Тарабунова зад себе има неколку реализирани проекти како:

  • „Очите на мама” – декември 2016 год. во „Вондерласт концепт продавница“ (самостоен проект во колаборација со Крсте Анастас Глигорјадис-изложба на ѕидни украси)
  • „Оној кој ќе зачува живот, го чува целиот свет” – aприл 2018 год. во „Излет кафе“ (самостоен проект-колективен арт базар)
  • „Донирај уметност” – септември 2018 год. во КИЦ (хуманитарна колективна изложба)
  • „Која пудра најдобро покрива модрици” – 01.06.2019 год. Во „Бекјард лаунџ“ (хуманитарна колективна изложба – арт базар)

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.