Оркестарот на Филхармонија в четврток, во 20 часот ќе одржи концерт на кој ќе биде изведен Концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола, а како солистка ќе настапи Анна Коловска од Русија. Диригент е Борјан Цанев, а на програмата се и „Песна и танец“ од македонскиот композитор Томе Манчев, и „Орава“ од полскиот композитор Војчех Килар.
Астор Пјацола (1921 – 1992) е еден од најзначајните аргентински композитори, кој го револуционаризираше традиционалното танго, носејќи го во нов стил што го нарече „нуево танго“ (ново танго) во кое инкорпорираше елементи од џезот и класичната музика.
Војчех Килар (1932 – 2013) е еден од најзначајните современи полски композитори, автор на класична и филмска музика. Добитник е на повеќе награди за неговата музика за филм, а негово најголемо остварување е музиката за „Дракула“ на Френсис Форд Копола. Автор е и дел од музиката за филмот „Пијанист“ на Роман Полански.
’Орава’ е едниственото мое дело во кое не би сменил ниту една нота. Тоа најдобро ме одразува како композитор“, изјави полскиот композитор Војчех Килар во едно интервју направено во Краков во 1997 година.
Томе Манчев (1950 – 2020) е еден од најистакнатите претставници на македонската музика од преминот меѓу 20 и 21 век. Автор е на обемен творечки опус во речиси сите музички жанрови, но главниот белег го остави во оркестарското творештво. Во „Песна и танец“ за гудачки оркестар (2000), Манчев ја инкорпирира својата суштинска препознатливост како автор која се рефектира преку фузија на македонската музичка и духовна традиција со европската авангарда.
Добитникот на македонското признание „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство.
Анна Кришталева Коловска е родена во Армавир, Русија, во 1996 година и уште од рани години се врзува за музиката, редовно концертирајќи и настапувајќи на интернационални и на домашни натпревари. Нејзиниот репертоар е богат и вклучува композиции од различни музички епохи, дела од Менделсон, Григ, Московски, Лекуона, Кусјаков, Бах, Шчедрин, Семионов…, како и композиции од руската народна музика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.