Интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје, во рамките на својата програма за 2021 година, отвори повик за учество на млади кореографи до 35 години чии претстави можат да бидат вклучени во годинешната програмата на фестивалот.
Фестивалската програма е предвидено да се одржи од први до шести јуни, на повеќе отворени сцени низ градот, а учеството на компании од странство е веќе потврдено.
Отворениот повек за млади короеграфи, може да се најде на веб страната на фестивалот www.dancefestskopje.com.mk.
Повикот е отворен до 27 април 2021 до 16 часот.
Танц Фест Скопје продолжува со својата заложба за создавање и промоција на современата танцова сцена кај нас, поддршка на млади автори и нивна афирмација во земјава и странство. Фестивалот, и покрај ситуацијата во која се наоѓаме со пандемијата, успеа минатата година да ја оствари својата програма во живо и да презентира петнаесетина кореографии на отворена сцена, со што даде свој придонес во одржување на изведувачките уметности во центарот на вниманието. Дирекцијата на фестивалот сака и годинава да даде свој придонес со одржувањето на фестивалската програма и презентација на странски компании и уметници, но и презентација на македонски креативци, со што ќе им помогне на младите креативни сили да се изразат и опстојат во овие специфични услови во кои се наоѓаме, велат од Танц Фест Скопје.
Во изминативе шеснаесет години, фестивалската сцена презентираше кореографии од некои од најзначајните светски кореографски имиња како Ханс ван Манен. Јиржи Килијан, Охад Нахрин, Мехемт Балкан, Мурад Мерзуки, Александар Екман и др., огромен број на современи танцови претстави од светски познати компании како „Netherlands Dance Theater“, „Инторданс“, „Скапино Балет Ротердам“, Национални балети од Лисабон, Печуј, Истанбул, Анталија, Белград, Љубљана, Националната опера и драма танцов театар од Пекинг, Кунг Фу современа танцова компанија од Пекинг и повеќе експериментални компании од целиот свет.
Од самото постоење на фестивалот, Бордот на фестивалот ја доделува Наградата за исклучителни достигнувања во областа на танцот МЕНАДА, која до сега ја добија доаејните и основачите на македонскиот балет: Ѓорѓи Македонски, Натка Пенушлиска-Митровска, Олга Милосавлева, Екрем Хусен, Ирена Ветерова, Татјана Петковска, Елисавета Кушовска, Јагода Сланева, но и светски признати имиња како Владимир Васиљев, Ханс ван Манен, Градимир Панков, Мехмет Балкан, Самуел Вуерстен, Милко Шаремблек, Дидије Дешан и Џоан Мајер Браун.
И годинава фестивалската програма покрај изведбите во живо, ќе може да се проследи онлајн. Програмата на фестивалот е порддржана од самите почетоци од Министерството за култура и Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.