На 19 октомври во Рим е закажана светската премиера на најновиот игран филм на најпознатиот македонски режисер Милчо Манчевски, „Врба“. Премиерата е на Филмскиот фестивал во Рим кој се одржува од 17 до 27 октомври. „Врба“ ќе биде прв македонски филм што е селектиран во официјалната програма на Римскиот фестивал.

Македонската премиера на „Врба“ ќе биде наскоро, најави Манчевски.

„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Манчевски, по „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“ и „Бикини Мун“.

Ова е филм за мајчинство, љубов и доверба. Филмот раскажува три приказни за млади мајки. Едната приказна се случува во средниот век, а остантите две се современи. Трите приказни се надополнуваат. „Врба“ е приказна за одност на поединецот кон општеството и обратно. Приказната има среќен крај“, рече на денешната средба со новинарите режисерот Манчевски.

Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во останатите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.

По десет години, убаво е пак да снимам тука – во меѓувреме снимив филм во Њујорк, краток филм во Куба и уште еден во Њујорк. Овој пат искуството беше одлично оти имав поддршка во организацијата како никогаш досега. Овој пат работев со одлични продуценти, посветени, чесни, професионални, рече на конференцијата за печат Манчевски.

Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија. Снимањето на филмот траеше два месеци, од крајот на октомври до првата половина на декември 2018 година, низ различни локации на живописниот прилепски регион и на препознатливи локации низ Скопје. Процесот на снимањето на филмот помина во совршен ред, благодарејќи на професионализмот на целата екипа, и успеа да се сними дури и неколку дена порано од предвиденото.

Беше навистина сложено да се координираат сите земји копродуценти во филмот, но од друга страна и огромен предизвик. Филмот успеавме да го снимиме дури неколку денови пред предвиденото, тоа е адут дека се работеше крајно професионално и во тивка и беспрекорна атмосфера. Среќни сме што достоинствено ќе можеме земјава да ја претставиме пред светот на претстојниот Филмски фестивал во Рим, Италија, изјави продуцентот на филмот Јане Ќортошев.

„Врба“ е во официјалната селекција меѓу 30  филма на фестивалот, заедно со најновото остварување на легендарниот Мартин Скорсезе „The Irishman“, како и „Motherless Brooklyn“ на Едвард Нортон, меѓу другите.

„Врба„ на Манчевски е континуитет на една успешна приказна која на нашата земја и го донесе најголемиот успех. Милчо е македонскиот „билборд“ во светот. Самиот факт што филмот е селектиран на еден ваков престижен фестивал е одличен доказ за тоа, рече Горјан Тозија, првиот човек на Агенција за филм.

Римскиот фестивал е најмладиот меѓу најелитните 5-6 фестивали во светот, каде свои светски премиери досега имале многу оскаровци. Како и Торонто, и Рим нема награди. Годинава се одржува по 14. пат.

Антонио Монда е уметнички директор на фестивалот, на чие огромно задоволство филмот „Врба“ беше селектиран во официјалната програма.

Силната селекција на фестивалот во Рим изминативе години е индикатор за идни оскаровци. Изминативе години на фестивалот свои светски премиери имаа многу познати режисерски и актерски имиња од Френсис Форд Копола, браќата Коен, Хелен Мирен, Харисон Форд, Мерил Стрип, Кејт Бланшет, Џулиен Мур, до Никол Кидман, Џуд Ло, Хоакин Феникс, Шон Пен, Скарлет Јохансон, Томас Винтерберг, Кжиштоф Зануси, Питер Џексон, Парк Чан-вок, Мајкл Мур, Стивен Содерберг, Ричард Линклејтер, Сали Потер, Дејвид Линч… Мартин Скорсезе и актерската легенда Изабел Ипер мината година добија награди за животно дело.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.