Светската премиера на најновиот, шести филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски „Врба“ ќе биде утревечер на Филмскиот фестивал во Рим, Италија, во рамките на третата фестивалска вечер.

„Врба“ е дел во официјалната програма на еден од најголемите фестивали во светот каде што се селектирани 33 филмови.

Фестивалот во Рим е во знакот на жената: елегантен и стамен, поими кои реферираат и на „Врба“, кој говори за мајчинство, љубов и доверба.

За „Врба“, првиот фестивалски ден во Рим почнува утре со утринската проекција за новинарите, следи прес-конференција со режисерот Манчевски и македонските актерки, Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски, а вечерта е гала премиерата со прошетка по црвениот килим.

„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во останатите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други. Музиката ја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

На светската премиера ќе присуствува и Министерот за култура, Хусни Исмаили.

Фестивалот на 17 октомври го отвори најновиот филм на актерот и режисер Едвард Нортон со неговиот „Бруклин без мајка“ во кој играат Брус Вилис, Алек Болдвин и Вилем Дефо.

Фестивалот има челична програма оваа година, доволно е да се спомене најновото филмско остварување на Мартин Скорсезе, „Ирецот“ во кој играат актерските магови Ал Пачино, Роберт Де Ниро, Џо Пеши и Харви Кајтел, филмот „Џуди“ со Рене Зелвегер во режија на Руперт Голд, филмот „Даутаун Еби“ со Џим Картер и Елизабет Мекговерн, филмот за Павароти во режија на Рон Хауард, „Хаслерс“ со Џенифер Лопез…

Во селекција се влезени филмови од 25 земји од светот.

Дамите се во центарот на вниманието на годинашниот Римски фестивал со 12 филмови од режисерки, изјави уште на конференцијата за новинари Антонио Монда. Ќе биде претставен новиот филм на италијанската режисерка Кристина Коменчини „Враќање“ со кој се затвора фестивалот, „Твоите мајка и татко“ на холандската режисерка Клартје Квиринс, „Давење“ на актерката и режисерка Мелора Волтерс, каде покрај неа игра и Мира Сорвино, Фелисити Џонс во филмот „Аеронаути“, Катрин Денев во „Среќен роденден“, Кристин Скот Томас во „Воени жени“…

На црвениот килим ќе продефилираат и Џон Траволта, Итан Коен, Бенисио Дел Торо, а на актерите Вајола Дејвис и Бил Мареј ќе им бидат врачени награди за животно дело.

Во Рим ќе дојдат и едни од најзначајните современи филмски режисери како Јапонецот Хироказу Коре-еда и Французите Бертран Таверние и Оливие Асајас.

Специфично за Филмскиот фестивал во Рим е тоа што тој е повеќе од фестивал – тоа е голем културен настан, каде публиката има можност за директен разговор со најголемите режисери, актери и писатели. Исто така, паралелно со фестивалот има и голем филмски маркет за пласман на филмовите и склучување нови проекти.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.