Годинава се навршуваат сто и седум години од раѓањето на Василие Поповиќ-Цицо, сликар, карикатурист и сценограф и еден од основоположниците на сценографијата во Македонскиот народен театар.

Василие Поповиќ-Цицо е автор без чија креативност, луцидност, шегобијност и сатиричност е тешко да се замисли македонската уметничка и театарска сцена. Неговата ширина на творечки подрачја го прави исклучителен — прв вистински карикатурист кај нас и автор на корицата на првиот буквар на македонски јазик, првиот грб на град Скопје и НР Македонија. Еден е од основоположниците на театарската сценографија — вработен во Народно позориште „Краљ Александар I”, Скопје од 1938 до 1941 година и од 1945 година во Македонскиот народен театар, каде што останува до крајот на животот. Светот го имаше Волт Дизни, а ние Цицо – автор на безброј карикатури, 30 сценографии и 14 костимографии во МНТ, човекот кој напамет го знаел делото „Сирано де Бержерак”, а често го читал Антон Павлович Чехов, велат од Македонскиот народен театар.

Василие Поповиќ-Цицо е уметник кој го покажал својот талент во многу области: карикатурата, сценографијата, сликарството, графиката, костимографијата, опремата на книги. Со причина многумина го сметаат за гениј во карикатурата чиишто дела се наше национално богатство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.