Програмата на годинашното издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“ (СВП) заврши вчеравечер со поетско читање во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје.

Пред бројна публика петнаесетина поети прочитаа своите творби, а за публиката водителите на настанот ги читаа преводите на песните на македонски, албански, англиски…

Вкупно 32 странски и 30 домашни поети  во 58-то издание на „Струшките вечери на поезијата“ учествуваа во 52 настани во Струга, Охрид и други места, а на годинашниот фестивал беа врачени и фестивалските награди.

Годинашниот фестивал излезе со неколку новитети. Така, освен директните преноси на главните настани што ги вршеше јавниот радиодифузер МРТ, најголемиот дел од настаните публиката можеле да ги следи во живо преку Јутјуб каналот на СВП.

Освен целосните снимки од настаните, публиката на овој канал може да ги види и кратките видеомиксови од случувањата во секој фестивалски ден.

Покрај тоа, „Струшки вечери на поезијата“ воведе уште една новина, која сака да стане традиција – ангажираше волонтери, кои многу помогнаа во реализацијата на сите активности во рамките на програмата, истовремено овозможувајќи им на младите љубители на книжевноста да се запознаат и да се дружат со врвни поетски имиња, информираат организаторите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.