Срѓан Драгојевиќ, режисерот кој е автор на култните „Ние не сме ангели“, „Убавите села, убаво горат, „Рани“ и „Парада“ од 16 до 25 септември на локации во Скопје снимаше нов филм. Станува збор за неговиот нов филм „Од рајот“ кој е српско-германско-македонско-хрватско-словенечко-црногорска копродукција зад која застанаа продуцентите DELIRIUM од Србија, во копродукција со „Сектор филм “од Македонија, МА.JA.DE. FICTION Gmbh од Германија, „Форум Љубљана“ од Словенија, STUDIO DIM од Хрватска, MAX FILM од Црна Гора.

Во Скопје се снимаше девет дена, и тоа почетокот и крајот на филмот. Станува збор за копродукција на сите екс-ју држави освен БиХ, плус Германија и по „Парада“, ова е втор филм на кој Драгојевиќ соработува со „Сектор филм‘“, изјави продуцентот Владимир Анастасов.

На денешната средба со новинарите Драгојевиќ заедно со тимот кој работи на филмот соопштија детали од снимањето на филмот чиј почеток и крај се снима во Македонија, а ќе се снима и во Србија и во Германија. Драгојевиќ рече дека секогаш се радува на доаѓањето во Скопје, особено Дебар маало и дека планирал да се пресели да живее тука.

Уживам додека работам во Македонија. И „Парада“ ја снимавме во Битола. Овие 9 дена поминаа одлично и мислам дека овој филм ќе биде навистина добар. Задоволен сум од работата со овие прекрасни луѓе, прекрасната сценографија, вели Срѓан Драгојевиќ.

Според него не станува збор за политичка сатира.

Морам да кажам дека филмот не е политичка сатира. Политиката е премногу проста работа за да се занимаваме со неа, филмот е малку посложен. Мојата сестра која е калугерка филмот го нарекува христијанска комедија. Филмот се занимава со божји чуда во време на транзиција. Тоа се три божји чуда во средновековна смисла, кога всушност и се случувале чуда, но кои се случуваат во денешно време, но како во време на раното христијанство. Сите по комунизмот се вративме на христијанството, по половина век, но сеуште учиме да бидеме христијани. Некогаш учиме и преку грешките, некогаш на смешен начин, смета Драгојевиќ.

Дејствието во филмот е настанато според мотивите на трите приказни на Марсел Еме.

Тој е веќе заборавен писател. Го сакам уште во осумдесеттите години кога го читав. Тој дури и во Франција е заборавен како писател. Порано многу повеќе се читаше, а сега никој повеќе не се сеќава дека книгата ја објави „Свјетлост Сараево“ во 1957 година. Само тие три мотиви се земени од приказната, а околностите се поинакви. Тоа е денешно време, но морам да истакнам дека не е во прашање ниту Србија, ни Македонија, туку една земја од Источна Европа во транзиција. Намерно инсистирав на тоа за да може приказната да има универзалност. Иако првата приказна се случува во 1993 година, втората 2001, а третата 2026 година, во блиска иднина и јунаците се преплетуваат низ 35 години. Се согласувам со сестра ми и покрај христијанска комедија, јас овој филм би го нарекол и христијанска алегорија. Ќе биде духовите, трагична, има доста хумор, но базично тоа е сериозен филм, рече Драгојевиќ.

Во врска со темата на филмот и поврзаноста со претходните „Ние не сме ангели“ и „Парада“, Драгојeвиќ вели дека познатата флоскулата дека еден автор постојано го снима истиот филм за него е релативно точна.

Мене ме интересираат различни теми. „Ние не сме ангели“ беше една стилизирана комедија, поп-арт и колку е постар човек, се повеќе го интересираат некои подлабоки позначајни теми. Веројатно тоа е причината поради која и се одлучив за тоа, бидејќи ова е навистина тежок залак. Да правите приказна која се занимава со Бог, христијанството, верата не е баш едноставна работа и да имате доста комедија, а сепак да го задржите длабокото почитување кон верата. Тоа е одење по жилет, но сметам дека тоа му е интересно на секој автор. Јас се занимавам со се посериозни теми. Дневната политика ме интересира само како граѓанин кој е фрустриран од ова или она, а ова се некои посериозни нешта, вели Драгојевиќ.

Актерката Ксенија Маринковиќ ја толкува улогата на Нада која е сопруга на заставникот Стојан, кои доаѓаат во населба со бегалци. Еден ден на Стојан му израснал ореол на главата, а кутрата жена се загрижува што ќе се случува сега, што ќе кажат луѓето и оттука тргнува целата приказна. Таа инсистира ореолот да се тргне од главата бидејќи нема никаква смисла тоа да стои на главата на нормален човек. Улогата на нејзиниот сопруг Стојан ја толкува Горан Навојец.

Мислам дека ја имам убедливо најдобро напишаната машка улога на сите времиња на просторите на поранешна Југославија, се пошегува актерот. Имам можност да ја играм улогата на еден прекрасен човек, кој на некој начин станува свет човек, но кој околината воопшто не го прифаќа како таков. Ова е едно актерско патување кое не знам како ќе заврши. Исклучително е креативно, инспиративно итн. и поставува прашања кои ќе бидат лековите за човекот на денешницата кој е преполн со цинизам, иронија и постојано е шибан во трката за материјалните добра. Јас ликот на Стојан би го сместил некаде помеѓу светец и суперхерој, рече Навојец.

Актерската екипа ја сочинуваат  и актерите Бојан Навојец, Наташа Марковиќ, Жика Тодоровиќ, музиката на филмот е претежно класична, дела од Стравински, а можно е да се вклучат и некои традиционални песни, па Драгојевиќ рече дека би сакал да има и една позната традиционална македонска песна во филмот.

Актерите се согласни дека Драгојевиќ фантастично отвора некои теми, снима филмови кои носат некакви одговори, поставуваат прашања…И токму таа потрага како да се постави прашањето на самиот себе и на публиката, тие филмови го провоцираат гледачот самиот да си ги постави прашањата, така што темите се ангажирани, но никогаш не се евтини во дневно-политичка смисла.

Често луѓето не се подготвени за филмовите на Срѓан Драгојевиќ. Се сеќавам дека со „Парада“ имавме големи проблеми, но по премиерата публиката сфати дека филмот е лековит за сите нас, рече Навојец.

Проектот е поддржан и финансиран од Агенцијата за филм и фондовите за филм на земјите на копродуцентите, а снимањето го потпомогна и Еуримаж.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.