Вчера беше одржана средба меѓу премиерот Зоран Заев и министерот за култура Асаф Адеми на која беше разговарано за резултатите од годишните конкурси, соопштија денеска од Министерството за култура.

Во согласност со досегашните јавно искажани ставови и насоки од премиерот Заев и од министерот Адеми по реакциите и искажаното незадоволство од дел од јавноста, на средбата беше усогласен ставот комисиите по дејности да ги преиспитаат одбиените пријави и, во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави на годишните конкурси да им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци, велат оттаму.

Истакнуваат дека , дополнително појаснување на доставената пријава може да се побара само за проектите за кои стручната комисија оценила дека се во функција на развој, афирмација и промоција на културата во Република Македонија и кои имаат предуслови да бидат избрани за проекти од национален интерес во културата за 2019 година.

Како што се истакнува во соопштението, Заев и Адеми го донеле ова решение како резултат на слушнатите ставови на културните работници и најавија дека дијалогот со културната фела ќе продолжи со цел унапредување на меѓусебното разбирање и поддршка на развојот на културата во државава.

Најавуваат дека министерот за култура Адеми ќе ги покани сите апликанти кои имаа забелешки на состаноци во Mинистерството со цел да се дефинираат чекори со кои во иднина би се избегнале недоразбирања или недостатоци при јавните конкурси.

Во Министерството за култура веќе во поодмината фаза е постапката за изготвување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, за кој досега се одржани две јавни расправи, а со кој ќе се унапредат начините на поддршка на проектите во културата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.