Славата и споменот за св.Константин-Кирил и Методиј станале актуелни уште додека тие биле живи. Таквиот јавен и престижен статус го стекнале поради нивното издигнување во високиот сталеж на византиското општество у поради добивањето на најодговорни мисионерски задолженија од Константинопол, а подоцна и од папата во Рим.

Но над се, со нивото христијанско рамноапостолство и со афирмацијата на словенската богослужба, култура и писменост ја стекнале својата натчовечка моќ со која оставиле култен спомен со богочуден чин на светители-просветители. Основата за воспоставување и за развој на нивниот светителски култ на словенски просветители се надградила врз угледот на ранохристијанските култови за црковните отци и писатели, од чиешто учење и напишани дела се граделе идеолошките основи на христијанската богословија и книжевност, вели професорот Илија Велев.

Според него, споменот и славта, како и светителскиот култ за св.Константин-Кирил и Методиј проникнале изворно од просторот на Македонија.

Во историјата и во легендарната меморија се зачувал споменот за Стримонската склавинија, каде што меѓу 845 и 855 година била организирана византиската Стримонска словенска архонтија (кнежество) во брегаличко-струмичкиот крај од Македоија. Со неа раководел св.Методиј Солунски, во својство на словенски архонт.  За неговото успешно управување и спроведување на визатиските стратешки интереси му бил испратен на помош св.Константин-Кирил. Таму и тогаш за првпат двајцата браќа Солуњани заедно ја активирале мобилноста на словенскиот фактор, а се претпоставува и дека во 855 година ја покренале хипотетички познатата Брегалничка мисија. Се смета дека тогаш тие го направиле првиот историски обид за организирано ширење на христијанството меѓу непокрстеното словенско население, обидувајќи се да им го доближат на, за нив, разбирлив словеномакедонски јазик.

Некои усражувачи дури сметаат дека св.Браќа таму ја афирмирале идејата за некакво устројство на словенското писмо. Но, згаснувањето на Методиевото словенско кнежество и неговите завојувања од ханска Бугарија во 855 година, историски пресудиле да остане недореализиран евентуалниот прв обид за активирање на словенското просветителство во функција а византиските политички и црковни интереси. Сознанијата за книжевно-правното дело Закон за судење на луѓето составено од Св.Методиј на словеномакедонски јазик, но со византискогрчко писмо, сведочи за првичното историско проникнување на словенското просветителство токму на просторот на Македонија.

Ваквото цивилизациско сведоштво е зачувано и во народната меморија на македонското населеие од југоисточна Македонија, каде што за овој историски настан се уште се прераскажуваат легенди и преданија. Така, во народната традиција е зачувано преданието за настанувањето на селото Моноспитово кај Струмица, што се поврзува со периодот кога Св.Методиј управувал во тој крај од Македонија во средината на IX век и кога за свој ученик го избрал Св.Климент Охридски-за кој се наведува дека бил роден во селото Долни Липовик кај Радовиш. Во друго народно предание легедарно се поврзува изградбата на манастирскиот храм во селото Вељуса кај Струмица дека го изградиле учениците на Св.Константин-Кирил и Методиј, со напомена дека цели 10 години Св.Методиј го проповедал словенското слово по течението на „Бела Река“ – а чијшто долен дел од течението на реката се нарекувал „Водочница“-додава професорот

Во поново време беше евидентирано уште едно предание од струмичко поврзано со проповедо-просветителската дејност на Св.Константин-Кирил. Станува збор за преданието поврзано со истата „Бела Река“ што тече по југоисточниот дел на Струмичката котлина. Нејзиното течение има три називи: во горниот дел-од изворот до селото Попчево се нарекува „Бела Река“, во атарот на селото Водоча се нарекува „Водочница“, а од пред градот Струмица и се до нејзиниот слив во Стара Река позната како „Струмешница“ месното население на селата Сачево, Дабиља, Робово и Муртино ја нарекуваат „Кирчовица“.

Легендарното преименување во Кирччовица директно се поврзува со името на Св.Константин-Кирил. Имено, народното раскажување сведочи дека во пеиодот кога Св.Методиј управувал со Струмичката област неговиот брат Св.Кирил со своите ученици одел по бреговите на долниот тек на Бела Река и ги покрстувал рибарите во бистрите и длабоки води на реката. Во знак на сеќавање и почит кон овој свет човек христијанизираното македонско население го преименувало овој дел од течението а реката по неговото име Кирил во Кирчовица. Дури и атарот на земјиштето во тој крај од струмичко, катастарски се заведува под место викано Кирчовица или Кирчевица.

Наведениве записи од месните предаија го потврдуваат присуството на словенските просветители Св.Констатин-Кирил и Методиј зачувано во народата меморија на анселението од струмичкиот крај. Индиректно тоа го поткрепува и историско-легендарното сведоштво за нивната евентуална мисионерска дејност во Стримонската архонтија-во науката толкувана и како Брегалничко-струмичко кнежество на Св.Методиј од периодот меѓу 845 и 855 година. Во истражувањата се евидентира уште едно народно предание од областа Пијанец, што се поврзува со Методиевото словенско кнежество. Во месноста „Света Вода“ меѓу селата Тработивиште и Разловци кај Делчево постоела испосничка ќелија, каде што повремено се подвизувале Св.Констатин-Кирил и Методиј. Легендата раскажува уште и за почетната просветителска и книжевна дејност на Св.Константин-Кирил во тоа место, при што тој преведувал црковни книги од грчки на словенски јазик. Пред извесни години во наведенава месност беа откопаи остатоци од стар објект за кој археолозите изразуваат сомневање дека би можело да станува збор за испосницата на словенските просветители, што се споменува во легендата.

Впечатливо е да напоменеме дека исклучително во македонската народна традиција се задржал споменот и славата за сесловенските просветители Св.Константин-Кирил и Методиј, што во други околни средини нема такви случаи-напоменува Велев.

Со просторот на Македонија се поврзуваат и подготовките за сесловенското просветителско дело на Св.Константин-Кирил и Методиј, пред да заминат како мисионери во т.н.Моравска мисија меѓу 863 и 969/885 година. Научно е потврдено дека кодификацијата на старословенскиот богослужбен и книжевен јазик се извршила врз основа на македонските словенски говори од околината на Солун, а според нивниот гласовен систем се устроило и првото словенско фонетско писмо-глаголицата.

Но, покрај тоа што кодифицираниот старословенски јазик прникнал од изворот на македонската народна словенојазична основа, натамошниот негов развој почнал да се прифаќа како општословенски-богослужбено и книжевно стандардизиран јазик. Затоа и функционално тој бил приспособен на општословенската јазична основа, но и на служењето на трансмисијата на верските евангелиски пораки со кои словенските народи требало да се христијанизираат и да се приклучат во глобалните цивилизациски процеси во Европа. Тоа станало и историски предуслов уште на почетокот на втората половина на IX и во X век старословенскиот јазик да не се прифаќал како туѓ јазик во сите словенски средини, каков што бил односот кон византискогрчкиот, или кон римолатинскиот јазик.

Ваквата позиција на старословенскиот јазик му била обезбедена поради интеркултурниот модел на кодификацијата, која била поткрепена со идеологијата и со хиерархијата на богослужбе и на книжевен јазик. Првенствено треба да се има предвид културолошката мисија на кодифицираниот старословенски јазик, како јазик посредник-рамноправен со византискогрчкито и со римолатинскиот, но истовремено и како продолжено искуство на други сакрални јазици: класичнохебрејскиот, коптскиот, ерменскиот, готскиот, па и класичнохеленскиот.

Кирилометодиевското дело и нивата традиција имаат универзални вредности во современата глобализација, па лседствено ниедна современа национална култура нема право да ги присвојува општите цивилизациски достигнувања како романтичарски национални припадности. Со тоа само би се осиромашувала општата цивилоизациска придобивка кај сите словенски народи, а и посредно би им бил се крател нивниот посебен културноисториски влог во современите европоцентрични тенденции и културни прелевања меѓу народите со сличностите и со различностите.

Светите Константин-Кирил и Методиј се пред се, а и над се, византиски мисионери-израснати од Македонија во високиот слој на византиската општествена хиерархија, реализатори на афирмацијата на словенската духовна и културна традиција, т.е. тие се сесловенски просветители во функција на византиските, а подоцна и на римопапските или на екуменските црковнополитички итереси.

Меѓу трајните вредности на современата глобална цивилизација во Европа, Св.Константин-Кирил и Методиј имаат епохална улога при афирмацијата на словенската култура и писменост. Во историскиот контекст нивното просветителско дело, како и зачуваниот спомен и славата за нив, го поставија сесловенскиот културноисториски идентитет како трета христијанска цивилизација во Европа, веднаш по римолатинската и по византискогрчката.

По смртта на Св.Констатин-Кирил (869) и на Св,Методиј (885), а и по згаснувањето на Моравската мисија во 885 година, последиците од контроверзните историски процеси можеле да станат пресудни сесловенското и рамноапостолско кирилометодиевско дело да се притемни во заборавот. Причината за тоа треба да се бара во фактот дека кирилометодивеската мисионерска дејност до крај не ги исполнила црковно-политичките и културните очекувања на византискиот Константинопол и на папата во Рим. Тоа било пресудно славата и споменот за Св.Константин-Кирил и Методиј да не бидат вклучени во какви и да се богослужбени или историско-летописни сведоштва од страна на вселенскиот Константинопол и на папата во Рим, па официјалниот богоугоден чин на светители го стекнале подоцна-откако го воспоставиле и почнале да го шират нивните ученици во Охридската духовна и книжевна школа во Македонија. Тоа значи дека без улогите и придонесите на Св.Климент и на формираната од его Охридска духовна и книжевна школа во Македонија цивилизацискиот тек од дејноста на рамноапостолите и сесловенски просветители ќе бил принуден да се пролонгира и да сочекува нови историски околности-во некои идни времиња за афирмација на словенската цивилазција и култура.

Уште кога бил жив Св.Климент Охридски почнал да ги застапува во богослужбениот календар славите и спомените за Св.Константин-Кирил и Методиј, составил за нив пригодни житија, химнографски и поучно-пофални ораторско-реторички состави според вообичаените обрасци на византиските книжевнотворечки искуства, како и според упатствата на важечкиот црковен типик. По смртта на Св.Климент, неговата светителска слава и спомен станале дополителен поттик и за ново посредно напластување на светителскиот култ за Св.Константин-Кирил и Методиј. За тоа сведочат заедничките одбележувања на нивните поединечни светителски спомени во богослужбената практика и во духовниот живот по храмовите на Охридската словенска диецеза, за чијшто првовозгласен челник се смета Св.Климент Охридски, Така, на пример, во месецословот на најстариот зачуван глаголички писмен споменик од крајот на X век, Асемановото евангелие, под датумите на блажените им упокојувања се наведени нивните светителски спомени за богослужење-aнализира професорот.

Во тој прилог се и најстарите зачувани насликани портрети на Св.Констатин-Кирил и Методиј, а покрај нив уште и на Св.Климент Охридски, во фрескосликарскиот ансамбл на црквата „С.Софија“ во Охрид од околу 1045 година, како и на црквата „Св.Ѓорѓи“ во Курбиново во Преспа од 1191 година. Токму улогата и значењето на дејноста и на светителскиот култ на Св.Климент Охридски биле одлучувачки за да се реактивираат светителската слава и споменот за Св.Кирил И Методиј, кои без посредство на независната јурисдикција на Охридската духовна и книжевна школа ќе останеле повиени  во превезот на заборавот. Значи, нивниот аветителски култ во богослужбата и во црквата значајно се засили кога почнал да црпи актуелност од светителскиот култ за Св.Климент Охридски.