Вечерва со почеток во 20 часот ќе се одржи второ по ред издание на настанот „Современ стар град“, кој ќе се одржи во просторот на „Сули Ан“.

Големиот одзив на минатогодишното, прво издание на Современ стар град ја покажа желбата на домашните уметнички ентузијасти за настани од овој тип. И оваа година, во фокус ќе биде промоцијата и афирмирањето на тринаесет млади македонски таленти во три уметнички области – визуелна уметност, музика и современ танц.

Настанот е со потпис на идејниот творец и визуелен уметник Матеа Мијановиќ.

Големата посетеност и апетитот на македонската јавност од минатата година за настани од овој тип е причина и за зголемениот број на млади артисти кои земаат учество на годинешното издание. Проектот е замислен како платформа за промоција и развој на млади уметници, низ тематска мултимедијална работа со која уметниците треба да вдишат современ дух во историската градба на Сули Ан, едно од обележјата на градот во срцето на старата чаршија. Публиката ќе има можност повторно да го види Сули Ан во нов стил, низ современа призма, во специфична атмосфера. Просторот ќе биде исполнет со визуелни интервенции кои ќе дадат нова динамичност на оваа градба, притоа задржувајќи ја нејзината оригиналност, вели Мијановиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.