Сопранистката Милена Арсовска, една од најистакнатите македонски оперски певици, ќе биде солистка со Филхармонија на концертот насловен како „Божествениот звук на Малер“ што ќе се одржи овој четврток, на 1 април од 19 часот. Со оркестарот ќе диригира маестро Габриел Белешелеа од Романија.

Ќе биде изведена Четвртата симфонија, ремек делото на австрискиот композитор Густав Малер.

Милена Арсовска, некогашната ѕвездичка на легендарниот фестивал „Златно славејче“ денес е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломирала соло- пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрирала на Универзитетот за музика и уметности во Виена. За време на студиите, Арсовска се усовршувала и посетувала мастер-часови кај познатите Клаудија Виска, Дорин Дефеис, Џејмс Хупер и Јоан Холендер.

Добитничка е на бројни награди и признанија, меѓу кои и на втора награда на натпреварот „Достал оперета“ во Виена, а била финалист и на престижниот натпревар за млади пејачи „Лејла Генчер“.

Како пејачка, Арсовска дебитирала во Македонската опера и балет каде што настапувала во продукциите на оперите „Волшебната флејта“, „Свртување на шрафот“, „Италијанка во Алжир“, „Рита“… Интернационалното деби, пак, го имала во 2010 година во Театарот во Виена со настап во оперетата „Лилјакот“, за понатаму да се редат ангажмани на сцените во Магдебург и во Прага, како и на повеќе фестивали. Нејзиниот репертоар ги вклучува и улогите на Лаурета во „Џани Скики“, Памина и Папагена во „Волшебната флејта“ и Евридика во „Орфеј во подземјето“, Блонда во „Грабнување од сарајот“, Церлина во „Дон Џовани“ и други.

Минатата сезона, Милена Арсовска настапи во главната улога во операта „Славеј“ од Стравински во Националната опера во Прага, а концертните турнеи ја одведоа на сцените во Германија, Италија, Шведска, Шпанија, Франција, Малта, Холандија и во САД. Нејзината последна улога е во продукцијата „Свадбата на фигаро“ во престижната опера во Вајмар, Германија.

Во меѓувреме гласот на сопранот Арсовска е забележан на неколку изданија како снимката со „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена, а за нас особено е значајно што можеме да ја слушнеме и во македонските филмови „Големата вода“ на режисерот Иво Трајков и „Војната заврши“ од Митко Панов.

Конечно, Милена Арсовка со Македонската филхармонија настапи во април 2017 година на концертот „Гласот на славејот“ и тогаш со Оркестарот диригираше Даниел Рајскин од Русија.

Јас сум борец и тоа што доаѓав од една помала средина во светските музички центри силно ме мотивираше. Една таква средина која бараше многу напор и самооткажување ме направи појака и ми покажа дека со труд сè се постигнува. Дека работата и дисциплината се единствениот пат до успехот. И многу сум среќна поради таа животна школа што ја научив таму. Сите имаат талент, ама талентот е само мал процент од нештата. Работата е како тој талент да го задржиш и мислам дека успешни се оние кои остануваат дословни на тоа колку ќе работат и како ќе го издржат целиот товар којшто го носи професијата, вели Арсовска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.