Деновиве, од печат излезе третата стихозбирка на Катерина Гогова, „Сонцестој“. Издавач е Книгоиздателството Ми-Ан од Скопје.
Книгата содржи над педесет песни, поделени во два циклуса. За книгата, Снежана Стојчевска ќе напише: „Пред нас имаме исклучителен поетски ракопис насловен со уникатен наслов „Сонцестој“ од Катерина Гогова. Ако првата книга „Актите се кастрирани“ е олицетворение на огнот, а втората книга „Пад во немирна вода“ олицетворение на водата, тогаш „Сонцестој“ е воздух, небо на кое сонцето изгрева и заоѓа. Нејзините стихови се во склад со природата, промената на годишните времиња и природните еле-менти. Сонцестој како термин се употребува во астрономијата и всушност претставува позиција на сонцето во одредени денови од годината. Зимскиот сонцестој претставува најкраткиот ден во година-та, додека пак летниот сонцестој претставува најдолгиот ден во годи-ната. Наједноставно кажано сонцестој е најкусиот и најдолгиот ден. Од тука произлегуваат поднасловите на двата дела „Темницата стои на другата страна: најдолгата ноќ“ и „Најдолгиот ден: копнеж за пол-ноќно сонце“.
Сонцето како појдовна, но и централна тема во оваа книга е всушност инструмент со кој се мери течението на времето. Дуалната природа на сонцето и спрегата на спротивставени енергии што во себе ги носи се две страни на една паричка, денот и ноќта, зората и залезот, животот и смртта, црното и белото, јин и јанг итн. Веднаш може да се насети сензибилитетот на нејзината поезија, лирична, нежна, медитативна, во исконски склад со природата, длабока, искрена и свежа.“
Катерина Гогова е родена 1989 година во Дојран. Пишува поезија и кратка проза. Нејзината дебитантска поетска збирка во издание на „Современост“ од 2018 година носи наслов „Актите се кастрирани“. „Пад во немирна вода“ е нејзината втора поетска книга и со неа ста-нува десеттиот носител на признанието „Бели мугри“ за 2018 година кое го доделува Дом на културата “Кочо Рацин“ во Скопје.
Со избор поезија е застапена во антологиската збирка „Метрички карван“ (ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“-Гев¬ге¬лија, 2017, 2018, 2019, 2020), нејзина поезија е објавена и во зборникот „Креативни точки“ (МИ-АН, 2018), во монографијата „Астални проекции (Бегемот, 2018)“, во графичката арт панорама „Допир“ (ЗЛУКР Арт Еквилибриум, 2019), и во други фестивалски изданија.
Нејзина поезија и кратка проза е објавена во „Современост – списание за литература, култура и уметност“, во списанието „Раст“, во списанието „Современи дијалози“, во списанието „Зенит“, во списанието „Книжевни елементи“ и во други пишувани и онлајн едито-ријали.
Дел од нејзината поезија е преведена на српски, хрватски, слове-нечки, бугарски, албански, италијански, германски и англиски. Српски превод од нејзина поезија и кратка проза е објавен во 41-то издание на зборникот „Рукописи“-Панчево (Дом на млади Панчево, 2018), со поезија во препев на словенечки е објавена во „Непар“, двојазичен антологиски избор на свежа македонска литература (Македонско културно друштво Македонија-Љубљана, 2019), со поезија во албански препев е застапена во фестивалската антологиската збирка „Денови на Наим“ (2019) и со препев на германски во австриското списание „Литература и критика“ (2020).
Работи препеви поезија од српски, хрватски и англиски на македонски јазик.
Живее и работи во Скопје. Активист е за човекови, здравствени и сексуални права на маргинализирани заедници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.