Денес, 7 јули 2021, со почеток од 18:30 часот, во концертната сала на Музеј „Борис Христов“ во Софија ќе се одржи „Солистички рецитал на пијано дуото Аврамовска – Мариновски“. На програмата на концертот се дела од Бетовен, Александар Јосифов, Шуберт, Сметана и Дворжак.
Јасна Аврамовска (1969, Скопје) е македонската пијанистка. Живее во семејство на музичари, нејзиниот татко – композитор, а мајка ѝ оперска певица. Студирала на ФМУ при Универзитетот Свети Кирил и Свети Методиј во Скопје и продолжила на постдипломски студии во Софија – Бугарија на Националната музичка академија, каде нејзин најзначаен ментор беше познатата професорка Жeни Захариева. Учествувала на многу мастер класови на познати светски пијанисти: Борис Романов, Икуко Ендо, Сачико Кодама, Антон Диев, Јокут Михајлович, Милена Молова, Душан Трбојевиќ.
Добитник е на награди на меѓународни натпревари: ,,Seiler” 2005 Германија, ,,Алберт Русел” – Франција, ,,Земјата и луѓето” – Бугарија, Арс Косова 2013 итн.
Јасна Аврамовска се е една од најзначајните пијанисти кои настапуваат со многу национални оркестри: Македонска филхармонија, Македонски радиодифузен оркестар, Оркестар на македонската опера, Бугарски камерен оркестар, Бугарски радио оркестар, Младински камерен оркестар, Оркестар на музички форум Балкан. Одржала самостојни настапи во културни метрополи како Скопје, Охрид, Софија, Белград, Приштина, Рим, Солун, Чанија-Крит, Њујорк – САД. Изведувала дела од класичен репертоар како Бах, Моцарт, Бетовен, Шуман, Шуберт, Менделсон, Шостакович, македонски, бугарски и романски композитори итн.
Таа, исто така, изведува камерна музика, има настапувано на фестивали како што се ,,Охридско лето“, ,,Скопско лето“, ,,Земјата и луѓето“ фестивал – Бугарија, ,,Музички трибини“ – Белград, Фестивалот на виртуози ,,Мерцедес“ – Франција, Балкански музички форум – под УНЕСКО – Грција, IL TEMPIETTO – Рим Италија, Музички културен центар во Њујорк, салон Клавирхаус-САД.
Дарко Мариновски e роден во Скопје 1974 година. Основно и средно музичко образование завршува во ,,Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Учесник e на републичкиот натпревар вo 1988 г. каде е добитник на втората награда. Дипломира на музичката академија во Скопје во класата на проф. Борис Романов вo 1997 год., а магистрира 2000 год. на истата академија во класата на проф. Јасминка Чакар. За време на студиите настапува на повеќе концерти вo Скопје на манифестацијата ,,Скопско лето“, во Охрид во рамките нa ,,Охридско лето“ и на други манифестации. По завршувањето на студиите започнува неговата соработка со реномираниот баритон Борис Трајанов со кого настапува нa бројни значајни фестивали и манифестации.
Во меѓувреме реализира бројни концерти во рамки на фестивали и манифестации со повеќе реномирани македонски уметници како и концертни настапи во Софија – Р.Бугарија, Париз – Франција, Рим – Италија и Вашингтон и Њујорк – САД.
Во 2015 год. заедно со пијанистката Јасна Аврамовска го основаат пијано дуото Аврамовска-Мариновски кое до денес бележи бројни успешни настапи низ повеќе градови во Р.М и во Њујорк (САД).
Меѓу позначајните настапи на дуото Аврамовска – Мариновски се настапот во Музејот на град Скопје 2015 г. по повод националниот ден на Полска организиран од Полската амбасада. Овој концерт го обележува почетокот на концертната дејност на дуото, потоа концертите на ,,Златна лира“ 2016, Штипско лето 2016 , ,,Скопско лето“ 2017, концертот во Културниот центар ,,Трајко Прокопев“ 2018 во Куманово, концертите во Уметничката галерија на МЦ во Њујорк и клавирскиот салон ,,Клавирхаус“ исто така во Њујорк 2018г. Потоа следат низа концерти во Скопје – мала сала на Македонската филхармонија – концертна вечер посветена од 10 годишнината од смртта на Академик Ристо Аврамовски (2018), концертите во Културниот дом во Гевгелија (2018), концертите во ,,Даут пашин амам“ и ,,Музејот на револуционерната борба“ (2019) во Скопје како и последниот концерт на ,,Златна лира“ одржан во Октомври 2020 г. исто така во Скопје.
До денес Дарко Мариновски работи како редовен професор на Факултетот за музика при Интернационалниот универзитет ,,Еуропа прима“ во Скопје и како уметнички соработник во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.