Виолета Чаповска презентира фотографии, видео и инсталација од последниот сајт специфичен проект Сол изведен во јули 2018 година на Малото езеро, Пелистер, на надморска височина од 2.180 м.
Сол заедно со Малото Езеро (1994) и Јас и окото (1996), претставуваат три ефемерни проекти кои вклучуваат интервенции со разни елементи во и околу езерото.
Основната идеја на трите проекти е меѓусебната поврзаност на предметите од различни географски, културни и историски локалитети и време во однос на себеси и езерото.
Со Сол се заокружува трилогијата на Ленд Принт проектите на Малото езеро.
Враќањето после 22 години и соочувањето со езерото отворија нови прашања за врската меѓу идентитетот и природата.
Во текот на проектот Чаповска користи сол измешана од Македонија и од Австралија. Австралиската езерска сол потекнува од соленото езеро Кристал, старо 5 милиони години. Македонската сол е кујнска, фина сол, со потекло од Тузла, купена на пазарот во Ѓорче Петров, Скопје.
Кружејќи покрај езерото авторот истура со раката сол и создава бела кристална линија околу езерото. Заокружувањето на езерото не се остварува до крај.
Употребата на сол има повеќеслојни толкувања. Најсуштинска е симболиката на нејзината непроменливост, идејата дека солта е беспрекорна, нерасиплива и неуништлива. Нејзината трајност и имунитет кон распаѓање е нејзиниот главен белег. Таа е симбол на бесмртност, што е контрадикторно со вечно променливата природа и човек.
Обидот да се обиколи езерото со линија на сол, го поставува прашањето за конзервирање и кревка желба да се заштити езерото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.