Во издание на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, деновиве беше објавен првиот авторски компакт диск на композиторката Ана Пандевска. Аудио изданието опфаќа избор на електроакустични дела за различни состави (соло, камерни, оркестарски композиции) создадени во изминатите пет години. Во листата на изведувачи се запишани реномирани изведувачи и ансамбли: пијанистките Дуња Иванова и Ива Виденовиќ, хорнистот Никола Велковски, ансамблот за современа музика „КонТемпора“ и Македонската филхармонија под диригенство на британскиот диригент Тимоти Редмонд.
Компакт дискот е дел од едицијата „Од композиторскиот опус“ на СОКОМ и истиот е објавен со финансиска поддршка од Министерството за култура, а меѓу издавачите освен СОКОМ се потпишуваат и МРТ и Балканскиот музички форум. Фотографијата на обвивката е дело на фотографката Маја Аргакиева, а дизајнот на Графосет ДЛ.
Во својот осврт кон авторското издание на Пандевска, музикологот Марко Коловски ќе запише:
Во своите многубројни композиции Пандевска се претставува како автор кој преферира полистилистика и мултижанровост и кој ниту има комплекс ниту пак посебно преферира кој и да е стил што ја обележал музичката историја. Оттаму и нејзиниот интерес за фолклорот, за џезот, последните години – за електроакустичната музика и за многу други стилски и изразни насоки. Ако сака да се извлече некоја заедничка црта за сите нив – тогаш тоа би бил заклучокот дека таа не тежнее кон празни ефекти, кон шокантни звучни склопови и решенија карактеристични за авангардата од почетокот на втората деценија од минатиот век. Спротивно на тоа, без оглед дали станува збор за музика за деца, за солистички, камерни или оркестарски дела, кај неа ефектот речиси секогаш е во функција на смислата на композицијата. Каде што слушателот ништо не препознава како случајност, ами како намера насочена кон тоа да предизвика естетско задоволство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.