Со звуците на „Триумфалниот марш” од „Аида” и палење на фестивалскиот оган, во Националната опера и балет вечерва беа отворени 47. Мајски оперски вечери, на кои до крајот на месецов ќе бидат изведени шест оперски и една балетска претстава.
Фестивалот за отворен го прогласи вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој во обраќањето рече дека Мајските оперски вечери покажуваат дека пред речиси половина век постоела свесност за безвременските пораки кои ги носи операта и вредностите на кои таа нè учи.
Анѓушев нагласи дека сме во ера на напредна технологија, но дека е важно враќањето на основата и посветеноста на културата – кон театарот, литературата, музиката и ликовните уметности.
И градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов зборуваше за достапноста на музиката што во секое време и место ја нудат модерните уреди меѓутоа, рече, „ништо не може да го замени чувството на музика во живо и човечкиот глас”.
Според директорот на Националната опера и балет Васо Ристов, охрабрува фактот дека и покрај границите што ги наметнува потрошувачкото општество, ниту радиото, ни телевизијата, а ни современите носачи на звук, не се штетна конкуренција на манифестациите на жива музика и на оперските претстави.
„Напротив, повеќе ги афирмираат, ширејќи го интересот за нив. Вреден доказ за ова сте и вие ценета публико”, рече Ристов, додавајќи дека овој фестивал е крстопат на цивилизации и култури од целиот свет, а магијата на 47-то издание, како што рече, ја исполнуваат звуците на Верди, Доницети, Пучини, Чајковски.
Вечерите секоја година се затвораат со „Аида” на 31 мај, но оваа година фестивалот и почнува со неа. За двете изведби има две екипи – домашна и интернационална. Продукцијата е на театарот „Карло Феличе” од Џенова, кој донесува модерно видување на популарната Вердиева опера, со 3Д-проекции на сцената.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.