Со строг протокол за заштита од ширење на ковид-19, мерење телесна температура, физичка дистанца и маски за секој посетител помина синоќешното отворање на јубилејното 60. издание на фестивалот „Охридско лето“ на сцената на „Античи театар“.

Годинашното издание на „Охридско лето“ почна со концерт насловен „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“, посветен на нашата оперска примадона Ана Липша Тофовиќ, во изведба на солистите Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ.

Публика, гостите и уметниците, ги поздрави министерот за култура Хусни Исмаили кој подвлече дека фестивалот „Охридско лето” денеска е многу повеќе од очекувањата на неговите основачите пред 60 години, но и од нивните соништа за фестивал кој што ќе биде уметнички амблем на Македонија на уметничката светска арена.

Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Стево Пендаровски кој упати честитки за шестдецениското опстојување во кое, како што истакна, „врвни македонски, европски и светски уметници нѐ почестија со својата извонредност, тука во Охрид“.

И од тука ја промовираа македонската култура и, воопшто, вредностите на нашиот народ и држава. Ова достигнување е заслуга на генерации културни работници и поддржувачи кои со својот труд и со посветеноста се вградија себеси во мисијата на овој фестивал“, рече претседателот.

Во текот на фестивалските денови на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, Предворјето на „Света Софија“, ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници.

Музичката програма на „Охридско лето“ годинава содржи 26 концерти, од кои два во фестивалската офф-програма. На фестивалот ќе настапат реномирани музичари од Русија, САД, Шпанија, Турција, Косово, Италија, Албанија, Германија, Франција, Чешка, како и уметници од домашната музичка сцена.

Драмскиот дел од програмата пак ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи.

Шестдецениското опстојување и успешниот пат од едновечерен концерт до манифестација со врвен светски уметнички дострел, Фестивалот „Охридско лето“ ќе биде одбележан и со промоција на монографијата „Фестивалска приказна“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.