Со вечерашната изведба на претставата „Сопружници”, Народниот театар од Охрид ќе ја одбележи десетгодишнината од формирањето.
Станува збор за претстава работена според авторско дело на Вуди Ален, во режија на Драгана Таневска.
Според режисерката, „Сопружници” претставува песимистичко гледиште за романтичната љубов и бракот.
Хуморот во претставата произлегува од реалноста на ситуациите. Ликовите не можат да ги надвладеат своите слабости и желби и затоа влегувааат во апсурдни ситуации кои се комични. Тоа, пак, од друга страна, е и специфичноста на хуморот на Вуди Ален, кој многу мудро и реално ги анализира ситуациите и карактерите, вели Таневска.
Билетите по цена од 200 денари се во продажба, а согласно здравствените протоколи претставата ќе може да ја проследат ограничен број гледачи. Претставата ќе се игра на Големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев”.
Народниот театар во Охрид е формиран во јануари 2011 година со одлука на Владата. Од основањето до денес има 32 премиерни изведби на најразлични драмски дела. Првата претстава на Театарот од Охрид беше „Метаморфози” од Овидиј во режија на Андреј Цветаноски, изведена на 3 јуни пред точно десет години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.