Со премиера на 18 септември, петок, на првиот македонски семеен детски филм „Стела“ на режисерот Стојан Вујичиќ се отвора годинашното издание на Филмскиот фестивал на европски филм „Синедејс“, кое поради коронакризата наместо во ноември, првпат ќе се одржи во септември, на отворено. Премиерата и отворањето на „Синедејс“ ќе биде на отворено, во Градски парк. За затворањето, на 24 септември од „Синедејс“ ја најавија македонската премиера на филмот на македонскиот режисер Игор Иванов – Изи, „Хомо“.
„Стела“ е приказна за шарпланинката Стела, Никола и неговиот дедо. Продуцентот, Огнен Антонв од Дрим фактори вели дека ова е филм за вистинските семејни вредности. „Стела“ е првата домашна еко или зелена продукција. Филмот се снимал во Скопје, Галичник, Бистра и во Штутграт, Германија.
„Синедејс“ оваа година има скратена програма и ќе се одржи на три главни локации – Градски парк, МКЦ Парк, Парк Ибни Пајко, а придружни, поп-ап локации ќе бидат парковите во близина на некогашните скопски кина: кино Влае, парк Кисела Вода, Кино Напредок, Кино Маџари, Дом на градежнци „Кочо Рацин“ и кровот на ГТЦ.
Ви го најавувавме првиот летен фестивал „Синедејс“, кој оваа година поради пандемијата првпат се одржува во септември, наместо во ноември. Немавме храброст да ризикуваме и да го организираме во постојаниот термин. Успеавме да го реализираме за еден месец и Скопје ќе добие кино како што го личи, живо кино, со публика, со гости, со луѓе кои сакаат да гледаат филм. Не сме љубители на подготовка на онлајн-фестивали и затоа собравме сили и решивме да го направиме во вакви услови, во летна варијанта, изјави Русе Арсов, директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) кој е организатор на „Синедејс“.
Слоганот на годинашниот „Синедејс“ е „Филм на секое платно“.
Несреќно наметнатите околности предизвикани од пандемијата со коронавирусот ни донесоа по малку среќни можност, да го извадиме големото платно под отворено небо, изјави Филип Николовски, директор на програмата на МКЦ.
Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“ информира дека годинашната програма е селекција на Бернд Будер.
Програмата е намалена следствено на фестивалските денови. Ќе ги погледнеме најновите остварувања на Озон, Пуиу, Винтенберг, Срѓан Голубовиќ. Оваа година првпат ќе има и поп-ап кино кое ќе се одржува на најавите локации и ќе биде бесплатно, рече Арсова.
Ова издание на „Синедејс“ ќе донесе и скопска премиера на филмот „ТМ“ на Ивица Димитријевиќ, кој е единствен долгометражен филм во македонската кинематорграфија снимен со нула денари буџет.
Организаторот најави и специјална музичка програма која се отвора во петок, со настап на бендот „Љубојна“ кои ќе се претстават со музика работена за филмот „Стела“. За затворањето на Фестивалот ќе настапи ЗЏМ колективот, придружуван од гудачки оркестар, составен од музичари на Националната опера и балет и од Филхармонија. Диригент ќе биде Џијан Емин.
Поради ситуацијата со Ковид-19, бројот на билети е редуциран. Билетите ќе бидат по цена од 100 денари и може да се купат онлајн, како и на влезот на локациите каде што ќе се одржуваат проекциите. За поп-ап кинотото бесплатни билети може да се набават само онлајн, преку bileti.mkc.mk.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.