Претставата „Бог на масакрот“ според текстот на Јасмина Реза, а во режија на Билге Емин, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот во Турскиот театар. Станува збор за важен текст за светската модерна драматургија во кој, како што рече режисерката Емин, допрела две теми – дивјаштвото и надменоста.

Претставата има четири лика на две двојки родители кои треба да решат проблем по тепачка на нивните деца. Родителите на повреденото дете ја почнуваат средбата мирно и цивилизирано, но развојот на разговорот почнува да ја одразува несреќата на секој одделен лик и нивната средба е осудена на пропаст и завршува со дивјаштво. Нивната учтивост е, всушност, само надворешен слој под кој се откриваат нивните вистински лица и ега.

Текстот на француската драмска авторка Реза е објавен во 2006 година и оттогаш е често поставуван на сцените низ светот, а пред осум години доби и филмска верзија во режија на Роман Полански.

Без оглед колку човекот се обидува да излезе од системот, системот го привлекува. Не можете да се спротивставите. Во мигот кога ќе се спротивставиш, твојот „бог на дивјаштвото“ ќе биде уништен од неговиот „бог на дивјаштвото“. Важно е дали да се држи чекор со системот или не. Дали да се постигне решение на проблемот или не. Сето тоа е определено од одлуките и изборот на поединецот – смета режисерката Емин.

Таа подолг период работи во Турција, а ова и е трета соработка со ансамблот на Турски театар – Скопје.

Во претставата играат Сузан Акбелге, Филиз Ахмет, Џенап Самет и Селпин Керим.

Претставата се работеше во еден здив и така и ќе се гледа. Стилот на Билге Емин е класичен театар во реален свет и нејзините претстави носат пораки и поуки – рече актерот Самет.

Сценограифјата е на Татјана Блажевска-Христоска, костимите се на Марија Пупучевска.

„Бог на масакрот“ е трета и последна премиера на Турскиот театар сезонава. В.д директорката на Театарот, Несрин Таир за од септември ја најави премиерата на „Зад затворени врати“ од Жан Пол Сартр во режија на Џабир Доко која ќе биде и последна премиера на овој театар за годинава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.