Македонскиот народен театар вечерва од 20 часот ќе ја изведе претставата „Бесачи“ што е прва премиера во новата сезона. Претставата е работена по истоимениот текст („Hangmen“) на актуелниот британско-ирски автор Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев од Бугарија, кому ова му е прва соработка со МНТ.
Имаме одличен текст, одличен режисер, па се надевам дека и претставата ќе има долг век, вели во интервју за „Република“ актерката Камка Тоциновски, која го толкува главниот женски лик во претставата.
Тоциновски го објаснува ликот кој го толкува во „Бесачи“.
Алис е сопруга, мајка, газдарица на паб и пред сè јака жена која дава сè од себе да го одржи бизнисот. Таа е стожер на семејството, кое на крај не успева да го сочува. Како кај сите, така и кај неа има доза на малограѓанштина, која ги заплеткува ликовите во бизарни и комични ситуации, вели Тоциновски.
Пиесата ја тематизира смртната казна, укината во Велика Британија во средината на 1960-тите години. Првпат е поставена во Лондон пред четири години. Според режисерот Грдев, мотив да ја постави било тоа што се занимава со тема која, како што вели, привидно веќе е решена во многу држави. Мекдона почнал да се занимава со темата откако таа веќе била излезена од фокусот на јавноста, а причината за тоа, смета режисерот, е што верува дека и покрај укинувањето на смртната казна, човечките инстинкти и импулси за насилство продолжуваат да го водат и да го владеат духот на човекот.
Тој е еден од најзначајните бугарски и современи европски театарски режисери. Досега поставил повеќе од 35 претстави во повеќе земји низ Европа и е добитник на повеќе од 45 награди.
Авторот на текстот Мартин Мекдона е познат по црните комедии (четири драми му се номинирани за најпознатата театарска награда „Тони“), а исто така е добитник и на „Златен глобус“ и номиниран за „Оскар“ за оригинално сценарио пред две години за филмот „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“. Сценарист и режисер е и на филмовите „Six-Shooter“, „Во Бриж“ и „Седум психопати“. Во светот на театарот е познат по тоа што вовел нов жанр, т.н. „in-your-face theatre“ (театарски правец со презентирање бесрамно агресивни, вулгарни или провокативни текстови), а неговите драми и сценарија се крајно духовити и сурово реалистични.
Во актерската екипа на „Бесачи“ се: Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски, Трајче Ѓоргиев.
Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, драматург Дејан Дуковски, а текстот го преведе Благоја Бошковски. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, композитор на музиката е Калин Николов.
По вечерашната премиера, 180-минутната претстава „Бесачи“ репризно ќе се игра и утревечер, а следните изведби ќе бидат на 8 и 9 октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.