Со музичката драма „Анет“ на Леос Каракс, со која стартуваше и Канскиот фестивал кој е во тек, вечерва од 21 часот, во Градски парк, на отворено, почнува 20. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.

Поради пандемијата на коронавирусот минатата година фестивалот излезе од својот ноемвриски термин и се пресели во септември, а годинава организаторот, Младинскиот културен центар (МКЦ) донесе одлука „Синедејс“ да се одржи од 15 до 21 јули. Мотото на фестивалот е „Филм Фактор 20“.

Главна ѕвезда на Фестивалот е еден од највлијателните и најреволуционерни европски режисери – Бела Тар, кој ќе одржи онлајн мастерклас, кој е закажан на 17 јули, во 15 часот, во киното „Фросина“ во МКЦ. Претходно, со почеток од 12 часот, ќе се одржи и специјална проекција на филмот „Werckmeister harmonies“, кој е тема на мастеркласот.

Фестивалот на европски филм ќе се одржува до 21 јули на повеќе локации низ Скопје (парк МКЦ, Градски парк, парк Ибни Пајко, кеј на Вардар, кината Фросина и Милениум, на Водно, Кале). Филмовите ќе бидат структурирани во повеќе селекции: Официјална селекција, Гала-програма, Селекција на анимирани музички видеа, МК во ЕУ, УНИЦЕФ еко филм програма, МК кратки филмови, БАФТА 2020, SEE програма, Детска програма, Музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – cinEmusic.

Во Гала програмата ќе можат да се погледнат и остварувања како „Минари“ на Ли Исак Чунг, „Земја на номади“ на Клое Жао, „Пад“ на Виго Мортенсен, „Фестивалот на Рифкин“ на Вуди Ален, „Никаде посебно“ на Уберто Пазолини, „Бенедета“ на Пол Верховен, „Грипот на Петров“ на Кирил Сребреников, како и најновите остварувања на Јасмила Жбањич, Андреј Кончаловски, Џиа Копола.

Во Официјалната програма, пак, ќе се прикаже македонска копродукција на „Скопје Филм студио“, филмот кој освои три награди на „Санденс“ – „Улиште“ на косовската режисерка Блерта Башоли.

Како дополнителна програма на фестивалот е „Living music project“, во соработка со Дарија Андовска, при што на пет филма ќе се изведува музиката во живо, создадена од различни тимови од композитори и режисер, како и предавањето на тема „Музиката во македонскиот филм“ на проф. д-р Александар Трајковски. Во соработка, пак, со УНИЦЕФ во рамки на фестивалот ќе се одржат работилници и филмски програми, кои ќе ја потенцираат важноста на филмската уметност во процесот на зачувување на животната средина.

Затворањето на фестивалот е со „Човечкиот глас“ на Педро Алмодовар (на 21 јули, од 22,30 часот, парк МКЦ).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.