Европската асоцијација на кинотеки (ACE), кон крајот на минатата година го започна проектот „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films), во кој учествува и Кинотеката на Македонија.

Првата проекција во рамки на проектот се одржа во декември 2020 година, кога Југословенската кинотека – на својот „јутјуб“ канал – го прикажа немиот филм „Грешница без грев“ (1930, р. Коста Новаковић), а втората проекција ќе се одржи в петок, кога Филмотеката на Валенсија (Filmoteca Valenciana-Institut Valencià de Cultura) ќе го прикаже немиот филм „Санз и тајните на неговата уметност“ (1918, Maximiliano Thous & Frncisco Sanz) на својот „јутјуб“ канал – и тоа со музичка поддршка во живо.

Кинотеката на Македонија учествува во овој проект со новите дигитално реставрирани копии на играните филмови „Фросина“ (1952, р. Војислав Нановиќ) и „Мирно лето“ (1961, р. Димитрие Османли). Двете дигитални копии ќе бидат за првпат прикажани во јуни, 2021 година – во летното кино на Кинотеката, со што проектот „Сезона на филмски класици“ ќе финишира. Истовремено, ќе биде одбележана и 60-годишнината од премиерата на првата македонска комедија „Мирно лето“, со пригодна изложба и концерт на мелодии од почетокот на 1960-ите години, „современици“ на дејствието на филмот.

Проектот „Сезона на филмски класици“ се одржува втора година по ред, а во него учествуваат филмски институции од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и „соседите“ од нашиот регион – Загреб, Атина, Тирана, Софија. Помеѓу декември 2020 и јуни 2021 секоја од овие институции – избраните филмови ќе ги презентира пред публика: „он-лајн“ или со проекција во живо, а во придружба на посебно компонирана музика или музичка изведба во живо (доколку станува збор за нем филм), или пак – надополнети со изложба, дискусија или предавање, итн. И, сите овие филмски архиви и кинотеки учествуваат со свои – дигитално или аналогно реставрирани – филмски класици.

Целта на оваа иницијатива, координирана од ACE (Европската асоцијација на кинотеки) и поддржана од програмата MEDIA на Европската комисија е да се доближи европското филмско наследство до публиката и да се запознае младата популација со она што за постарите претставува „филмска класика“.

Сите проекции во рамките на „Сезоната на класици“ се бесплатни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.