Со доделување на наградите за најдобро илустирано дело и најдобра детска книга вечерва во 19 часот во „Јуроп хаус“ во Спопје ќе биде затворено второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ што се одржуваше изминатите денови.
На децата не треба да им создаваме искривен свет, не е сѐ „си живееја среќно до крајот на животот“ изатоа што преку книгата може да се отворат и многу табу теми. Можеме многу непријатни работи да кажеме преку приказна. Не смееме да им создаваме илузии на децата. Детето треба од најмала возраст да се соочува и со убавото и со грдото. И Андерсен го направи тоаи на некој начин ги коригираше некои моменти од Грим. Но, тие ги напишаа тие приказни и тие се од колективната меморија. Треба да бидеме отворени, искрени кон децата и да не ги потценуваме, зашто ако ги штитиме премногу им правиме лошо – рече проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска на дебатата на тема „Како децата се запознаваат со предизвиците во животот преку литературата?“, што се одржа во Europe House Skopje, во рамките на меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“.
Интересни прашања за местото на книгата и нејзиното значење во развојот на децата, какви илустрации сакаат децата, колку книгата може да помогне во надминување проблеми, каква е состојбата со македонската книга за деца – ова се дел од прашањата на кои, освен Мојсова-Чепишевска, разговараа и проф.д-р Владимир Мартиновски, психологот Христина Стефановска и Искра Димковска од издачката куќа „Сказнувалка“.
Со литературата детето се соочува со реалноста, приказните ја содржат метафоратана целиот живот, вклучувајќи го сознанието дека човекот е и смртен и се соочуваат и со помалку розевите страни на животот, вели Мартиновски.
Често ја спомнуваме „Девојчето со кибритчињата“. Таа приказна ја гледаме во чамци на Медитеранот во моментов, на раскрсниците во Скопје има еден куп такви деца. Една од функциите на уметноста е секако емпатијата. Уметноста е исклучително важна во секакви времиња.Неодамна на фестивалот „Друга приказна“ имаше поетско читање во кое 15-ина, претежно млади и од средна генерација автори читаа песни пред дечиња со маски. Нивните реакции, спонтаноста, целата тешка ситуација ни ја вратија надежта дека уметноста секогаш е важна – вели Мартиновски.
Психологот Стефановска истакна дека книгата многу помага во надминување на проблеми на децата, влијае врз критичкиот ум на детето, врз имагинацијата.
Книгата стимулира добар речник, добар фонд на зборови, го стимулира центарот за говор. Ако постои синоним за орална хигиена-четката за заби, книгата е синоним за ментална хигиена, и кај возраасните, но кај децата особено. Наскоро треба да излезат четири мои книги интерактивен психолошки прирачник. Токму во едната книга зборувам за загубата, за смртта. Најприфатлив начин за детето да се сретне со неа е баш преку книгата, како на советувањата, така и на дебатите, треба да создаваме психологшки имунитет, да не ги ставаме децата во стаклено ѕвоно. Не постојат само приказни со среќен крај, тие се среќаваат со такви приказни во реалноста, раскинати другарства, во ситуации во кои биле мета на насилство однесување, дали вербално или физичко. Растењето не е лесно. Книгата е таа што многу лесно може да му покаже, дека на многу деца им се случува истото низ кое поминува детето. Тогаш детето се охрабрува– вели Стефановска.
За Димковска, не постои приказна од која детето не може да си најде нешто добро. Секој аспект од приказната и од илустрацијата му дава нешто на детето и ако тоа биде правилно поттикнувано, детето ќе има придобивка.
Учесниците на дебатата се согласија дека литературата за деца бележи видливо придвижување во однос на квалитетот, но и квантитетот. Да се воведе посериозно уметничко образование во средното училиште, како и да се обрне поголемо внимание на литературата за млади, каде имаме најмалку наслови. Треба да контролираме колку всушност технологијата ќе има место во секојдневието на децата.
Истиот проблем со кој се соочуваат децата го имаат и возрасните. Некои мои блиски пријатели ми имаат кажано – „убаво тоа што вие пишувате, ама јас веќе не можам да читам книги“. Толку многу сме инфицирани со тој свет на инстант-информации, возрасните им даваат всушност лош пример на децата. Многу мали можат и самите да бидат автори на нови. Класичниот формат на книга прво овозможува спокојство, нешто што брзите технологоии ни го одземаат – рече Мартиновски.
Кога родителот ужива во книгата што ја чита и тоа задоволство го пренесува на детето. Начинот на кој го прави тоа, го фасцинира детето. Ако рано им го доближиме целото богатство, таа фасцинација ја помни цел живот, истакна Стефановска.
Фестивалот „Литера“ го организира Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ од Скопје, а го помагаат: Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје, „Халк банка“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.