Филхармонија соопшти дека по пауза од неколку месеци ќе почне со реализација на своите концерти. Првиот концерт со кој се отвора новата сезона 2020-2021 е на 3 септември (в четврток) со почеток во 20 часот. На програмата е ремек-делото за два гласа и оркестар „Песни за земјата“ од Густав Малер.

Диригент е Габриел Бебешелеа (Романија), а солисти се Корби Велч – тенор (САД) и Хajке Веселс – мецосопран (Германија). Концертот ќе се одвива според протоколите одобрени од Комисијата за заразни болести, а билетите ќе се продаваат во ограничен број онлајн на веб страната на Филхармонија. Билетите ќе се продаваат по цена од 800 денари.

За да се испочитуваат протоколите, капацитетот на салата ќе биде искористен само 30 отсто, публиката ќе седи на дистанца, а ќе се продаваат само парните редови во салата. Музичарите кои ќе свират исто така ќе бидат распоредени согласно параметрите кои ги налага Комисијата за заразни болести.

Повеќе информации околу програмата, околу протоколите според кои ќе се одвиваат концертите и другите новини врзани со престојната сезона од Филхармонија најавуваат на 1 септември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.