Дали удобниот живот на оваа единствена колоритна планета заврши откако зборот профит стана поважен од зборот совест? Или откако лошата вест стана прва вест. Сеедно, сметката за плаќање стигна. Во овој век нашиот најголем предизвик е отворено да се соочиме со вистината колку сме кршливи, порача министерката за култура Ирена Стефоска на конференцијата на УНЕСКО во Париз.
Делегација од Македонија учествува на 41. Генерална конференција на УНЕСКО, која од 9 до 24 ноември се одржува во Париз.
На денешната пленарна сесија, на која се разгледуваа генералните политики на УНЕСКО за 2021 година, од името на министерката за култура Ирена Стефоска, пред присутните се обрати амбасадорката Јадранка Чаушевска-Димов, постојан претставник на Македонија во УНЕСКО, соопшти Министерството за култура.
Во своето обраќање, честитајќи го 75-годишниот јубилеј на Организацијата, Стефоска, меѓу другото, рече:
Во справувањето со сиве овие предизвици, јас ја гледам големата слика. Убедена сум дека сите заедно, со УНЕСКО, сепак ќе успееме. Зашто УНЕСКО е синоним за мултилатерализмот, чувар и промотор на универзалните вредности, на хуманизмот, на солидарноста, на мирот, на толеранцијата, на слободата.
Никој не можеше да претпостави со какви предизвици ќе се соочи светот по 40-тата сесија на Генералната конференција на УНЕСКО во ноември 2019-та. За жал, светот се соочи со закана од смртоносен вирус. КОВИД-19 ја сопре планетата и го промени животот на сите нејзини жители, се вели во говорот на Стефоска.
Универзалните вредности се сведоа на битка за преживување, секој за себе. И покрај надежта дека светот ќе биде подобар по ова болно искуство, единственото добро што се случи е тоа дека планетата Земја накратко здивна од нашето невнимание кон неа. Оттаму, што е КОВИД-19 ако не имунолошки одговор на природата кон нас?! Ние повеќе од 2 века го игнорираме секој нејзин вресок. Научивме ли колку сме кршливи ?
За неполни две години изгубивме милиони животи, додека илјадници луѓе ќе имаат трајни последици. Светот е далеку од закрепнување од оваа светска пандемија. И наместо брзината на информирање на социјалните медиуми во оваа битка да биде предност, ние сме во битка и со нивното „второ лице“ – лажните вести, теориите на заговор и живот во виртуелен свет во кој нема ништо и никој.
Стефоска во пораката вели дека Владата на Македонија во последниве години постојано го зголемува буџетот за заштита на културните добра, но проблемот со професионален кадар станува сериозен.
Тој факт уште повеќе нѐ насочи кон соработка со земјите што имаат завидно искуство во заштитата. Затоа сакам да ја потенцирам соработката со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици во Солун, Грција, со чии експерти работиме на зачувување на исклучително вредно светско наследство од 12 век – црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново. Оваа драгоценост ја впишавме и на тентативната листа на УНЕСКО зашто сметаме дека Ангелот од Курбиново е убавина што треба да се сподели со светот. Исто како и нашиот бисер – Охридскиот Регион, кој во 1979 година беше впишан на престижната листа на УНЕСКО како светско културно и природно наследство.
Тука сакам да нагласам дека мојата земја е активно посветена на одржување на интегритетот и автентичноста на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Остваруваме интензивен дијалог со Центарот за светско наследство на УНЕСКО и, заедно со Република Албанија, посакуваме нашата билатерална соработка да биде пример дека заедно сме посилни, помудри и поодговорни во заштитата на ова наше заедничко и универзално добро, порача Стефоска.
На 41. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, на која за генерален директор повторно е избрана Одри Азуле, се дискутира за стратегијата за периодот 2022 –2029 г., а ќе се усвојат препораките за етика на вештачката интелигенција и за отворена наука, како и програмата за одбележување јубилеи во рамките на УНЕСКО за следните две години, во чии рамки нашата држава ќе го одбележи јубилејот „100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов”.
Во рамките на 41. сесија на Генералната конференција се одржа и специјален настан со кој се одбележа јубилејот „75 години од основањето на УНЕСКО”. За овој настан, Македонската национална комисија активно се вклучи со свои прилози (документи, фотографии, видеоматеријали и пригоден спот со кој се честита јубилејот), кои се вградени во јубилејната публикација на УНЕСКО објавена во електронска форма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.