Вечерва, 12.07.2021г. (понеделник) ќе се отвори изложбата „НАПРЕЧНО ЦРВЕНО НИЗ ПРАЗНОТО” на Марина Цветановска Мартиновска во 20:00 часот во Изложбениот салон на Културно информативен центар.

Изложбата ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани.

Елоквентноста на отсуството и присуството

Кон изложбата „Напречно црвено низ празното“ на Марина Цветановска-Мартиновска

Ана Франговска, историчар на уметност

 

Во филозофијата на Зен, празнината е полнота на сите нешта. Таа го претставува иманентното Апсолутно, што е вродено во релативноста на нештата. Тоа е просторот што ги опфаќа севкупните нешта, еден вид празна страница пред да биде напишана. Според ова гледиште, празнината не само што претходи на секој елемент и на секоја супстанција, туку токму димензијата ја содржи целата. Емануел Кант пак,во неговата „Критика на моќта на судењето“, размислувал дека празнината може да се третира од два различни аспекти, логички (празнината како субјект што постои или не) и методолошки (празнината како предмет, феномен на свеста, поточно, својство на просторот). Почнувајќи од Кант, станува возможно да се согледа празнината како релативна. Тој прв ја истражил можноста за третирање на просторот и времето како феномени, а во исто време го покажал патот кон разбирање на празнината. Теориите и идиосинкразиите за толкување на полното и празното се една од главните иницијации во визуелниот интерес на Марина Цветановска-Мартиновска. Таа применува широк дијапазон на медиуми во кои се изразува, но тие не претставуваат ограничување, ниту пак ја стеснуваат можноста за подлабоко сондирање во проблематиката на празното, на ништото, т.е. на полното, сето, и на сите варјации помеѓу кои значат импут, живот, динамика, бит. Нејзиното добро манипулирање и со дводимензионалноста на платното и моќта за создавање на „волумен“ со боја, но и со тродимензионалната скулпторска форма, која ја ослободува од волумен и и дава асоцијации кои вообичаено не се апликативни за природата на материјалот кој го користи (мекост, тврдост, солвентност, лелеавост, дводимензионалност, транспарентност, алузивност), сé само дел од квалификативите кои го дефинираат уметничкиот потенцијал кој го

поседува Цветановска-Мартиновска. Како да се дефинира празнината во уметноста? Ова изгледа како скоро невозможна задача. Како што пишува Матје Копланд во каталогот ‘Празнини; ретроспектива’: „Желбата да се работи со празнината може да се манифестира на повеќе комплементарни начини и да генерира бројни пристапи: чисти празнини, празни места оставени празни, (…) празнини што произлегуваат од желбата да се испразни сè, празнини што произлегуваат од желбата да не се додава ништо, празнини како потпис, неисполнети празнини и идејни празнини, празнини како одбивање итн.“ (Копеланд, 2009: 167). Цветановска-Мартиновска, во процесот на истражување и презентација на можните начини за визуелизација на празното, се потпира на користењето на белото и црното како две состојби кои се мешаат една со друга. Нивната, најнапред балансирана (јинг-јанг), примена, преминува во метафизичка асоцијација за присуство – отсуство, т.е. материјалност – нематеријалност која окупира одреден простор. Во така организираните визуелни конгломерации (цртежи, слики, објекти, инсталации) одеднаш се појавува динамична црвена линија која вгнездува живот, го создава волуменот кајшто недостасува, ја збогатува празнотијата. Таа е нитка која или со потегот на четката или со реална материјализи-

рана присутност везе, опшива, пронижува присуство, спомени, паметења. Тој бит значи и револуција, непокор, страст, надеж, отклон. Сликарските изведби на Цветановска-Мартиновска во најраните пост-академски години го носат белегот на почетоците за размислување зад границите на материјалната претставност. Оттука, авторката ја користи апстракцијата како јазик во кој ги истражува првите обиди за нурнување во подетални уметничко-теориски и естетски метанарации кои започнуваат да ги испитуваат можностите за елаборирање на полното и празното, на вакуумот, на просторот, на дводимензионалното претставување на времето. Асоцијативноста на дводимензионалниот медиум и „полнотијата“ на бојата постепено почнуваат да се минимизираат во нејзините подоцнежни скулпторски интервенции и инсталации. Почнувајќи од „Ротација“, а уште понагласено во „1234567“ Цветановска-Мартиновска ја дообликува идејата за „полноста на празнината“ и таа се однесува на доменот на одредена „обликувана“, т.е. уметнички формирана празнина во скулптурата, а не на неопределеното и опфатено присуство на космичкиот простор. Концептот „полност на празнината“ е резултат на откривање и новоразгледување на ефикасноста и значењето на уметничкиот израз на празнината во скулпторската продукција која таа континуирано и паралелно ја развива од сликарската практика. Феноменот на празнина не ја толкува како „отсуство“, туку повеќе како „присуство“; некако „случаен“ простор создаден помеѓу формите, туку како активна состојба на празнина и автономен елемент во визуелната ефикасност на скулптура. Во подоцнежните инсталации и дела, како во „На црвено…“, „За полното и празното“ го продлабочува истражувањето и разбирањето за значењето на празнината во скулптурата – односот на целосната маса и внатрешната празнина на обликот; ефектот на празнина „во“ дводимензионалната уметност (дводимензионални знаци кои висат во тродимензионален простор и кои имаат двостраната комуникација) или „од“ дводимензионални форми (инсталации и објекти кои се создадени од дводимензионални поштенски марки); проверка на можноста за празнина во самата маса на материјалот; разгледување на можностите за влијанието на празнината во скулптурите „конструирани“ во нови материјали (3Д пакетчиња конструирани од јажиња); како и можностите на изразување и визуелниот ефект на празнината во доменот на скулпторската форма на прагот на разбирање на проширените медиуми (реди мејдот и концептот). Последниот и, чинам, најпродлабочен и најпромислен дискурс кој Цветановска-Мартиновска го третира е расчленувањето на просторот „Зад празнината“, како и просторот „Помеѓу празното и празнината“. Од една страна ова може да се сфати и како нихилизам, но и како метафизичка димензија на егзистенцијата, во духот на супрематизмот на Малевич. Овде авторката користи само бел материјал, форекс, и со менувањето на природата на неговата перцепција, тој од дводимензионален прераснува во тродимензионален бележник на постоењето, т.е. на полното или присуството. Важна улога во презентацијата на оваа бела празнина или полнота е просторот, кој ги гради меѓузависните односи на елементите на инсталацијата. Светлината, т.е. сенката дополнително го збогатуваат визуелниот агенс, кој од наративот „бело на бело“, или нихилистичка празнина, магично го создава сугестивниот волумен и маса на облиците и формите, кои прераснуваат во дефинирани материјални и препознатливи претстави на контури на портрети, пликоа, маски, симболи итн. Концептуалноста е уште една карактеристика која е специфика за Цветановска-Мартиновска бидејќи таа покрај овие генерални преокупации за основите на уметничката теорија и спацијалност, се занимава и со многу други прашања и дискурси, кои ги дополнуваат паноптикумите на нејзините објекти и инсталации.

Интерес за себерефлектирање преку концептите кои ги развива се гледа преку честата примена на автопортрети, изработени во различни медиуми (фотографија, дигитален печат, комбинирана техника, објект) и перспективи, со што воведува рецентност и ововременост. Себе си се става како елемент за дефрагментација, анализа и синтеза, а од друга страна нејзините проекции значат и автокритичност, самоанализа и катарзичност. Авторката во многубројни свои дела воведува ‘плетење’, ‘шиење’, ‘кроење“ врз и низ тврдиот материјал, менувајќи ја контекстуализацијата и перцепцијата на уметничкото дело како целина. Црвената нитка, јаже, трага од игла, крој се самодел од процесите кои го интегрираат женскиот принцип, како принцип на мануелниот влог и опонентност во метафизичките и теозофски принципи за празнината. Некои нејзини проекти може и да го носат и префиксот ангажирана, или политичка уметност, бидејќи се занимаваат со актуелни локални прашања и аргументи. Овие дела го ставаат на пиедестал третманот на идентитескиот агенс, ја дискутираат веројатноста за нашата припадност во европското семејство, „трчањето кон запад“ без осврнување на последиците по тоа прашање и го проблематизираат правото на самоопределување. …И, токму црвеното е тоа што се провлекува како обединувачко во потрагите на суштинските идолатрии на вакуумот и полното. Црвеното ги обединува уметничките прелогомени на Цветановска-Мартиновскаво изминатите дваесет години творење. Таа, како крвен сад, вбризгува крв во организмот наречен уметничко дело со цел да ја пренесе пораката и да го заинтригира реципиентот. Наместо заклучок, т.е. очекуваните рецепции од проектот: индивидуалните искуства со празнината можат да варираат многу. За некои тоа е како поле на енергија, за други чиста светлина или состојба на длабока тишина. Празнината не треба да биде поврзана со религиозно, па дури и духовно верување. Без оглед на локалното, на религиозното верување или недостатокот од истото, празнината е всушност толку присутна што може да се „доживее директно во јазот помеѓу мислите“.

На програмата на Кафе Кино вечерва е филмот „THE SUPERDEEP“ (Kolskaya sverhglubokaya), 2017, Русија. Филмската проекција ќе се одржи во летното кино „Мирно лето“ на Кинотека на Македонија со почеток во 20:30 часот. Влезот ќе биде регулиран со билети по цена од 100 денари коишто ќе може да се купат на билетара на Кинотека на Македонија, а настанот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани.

 

хорор трилер / траење: 113 минути

косценарио и режија: Арсени Сјухин

улоги: Милена Радуловиќ, Сергеј Иванјук, Николај Ковбас,…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.