На 24 ноември, на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот ќе се одржи скопската премиера на претставата „Нема да биде крај на светот“ од авторот Аднан Лугониќ, а во режија на Нина Николиќ. Претставата, која премиерно беше изведена на 18 септември во Сараевскиот ратни театар – САРТР, Сараево, е во рамките на Млад отворен театар (МОТ).

46. издание на МОТ оваа година ќе се одржи во два блока – од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември.

„Нема да биде крај на светот“ е драма која се занимава со рушењето на интимните светови. Сите три лика (Дарја Ризова како Маша, таткото – Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ во улогата на Нина) од драмата под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Односно, светот каков што го замислувале за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да му излезат во пресрет… Собрани под покривот на куќата во која се случил распадот на нивниот заеднички, семеен свет, тие своите индивидуални кршења си ги откриваат едни на други.

Претставата се игра на македонски и на босански јазик, во продукција на Перипетија продукција – Скопје во копродукција со МНТ и Сараевскиот ратни театар – САРТР. Соработници на претставата се костимографката Ивана Каранфиловска-Угуровска, сценографот Ангел Петровски, изборот на музиката и адаптацијата се на Оливер Митковски, (во претставата се користи и композицијата „Магдалена“ од Димитар Масевски), а соработник за македонски јазик е Ѓорѓи Јолевски.

„Нема да биде крај на светот“ на последното фестивалско претставување во Босна и Херцеговина освои четири награди: специјална награда за режија, наградата за најдобра актерка и актер како и специјална награда за актерска игра.

Следните изведби се закажани на 25 и 26 ноември, а билетите се достапни преку веб-страницата www.mnt.mk и на билетарницата во МНТ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.