Од 5 до 10 април во Кинотека на Македонија ќе се одржи „Скопје филм фестивал класик: Модерни пред модерното“.

Едно од лапидарните објаснувања на теоријата на постмодернизмот се обидуваше да го сведе овој уметнички правец на едноставен бином: 90 насто традиција + 10 насто модерност = постмодернизам.

Така е во теоријата. Меѓутоа, како да бидете „само“ традиционалист во филмот, ако сте, практично пионери, на самите негови почетоци на развој како уметност? Па, едноставно, ќе ја создадете таа традиција, плус ќе ѝ додадете модернизам, и ете ве веднаш во филмските енциклопедии. Но, кому уште му е гајле за енциклопедиите, ако вашите филмови и денес изгледаат свежо, инвентивно, пророчки, како и некогаш, критички до срж и, секако најважно, гледливи.

Ако се обидеме да ги сместиме тројцата автори на шпанската и на светската кинематографија од СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА во некаква теоретско-критичарска „фиока“, повеќе од сигурно е дека некои нивни филмови и ставови ќе „ѕиркаат“ како набрзина и лошо напикани чорапи. Или ќе бидат спротивставени како рогови во вреќа, ќе напише филмскиот критичар Стојан Синадинов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.